Mazda го претстави својот најмалечок теренец на салонот во Лос Анџелес. Од следното лето, CX-3 ќе се бори за освојување на купувачите со Skoda Yeti, Opel Mokka и Honda Vezel.
Не постои друга класа на возила што забележува толкав раст како што е случај кај малечките теренци. Овие возила подигнати на платформа на Corsa & Co. се особено популарни во големите и пренатрупани градови, со недоволно простор за паркирање и непрегледен сообраќај. Токму во овие средини, моделите како Yeti или Mokka се чувствуваат како кралеви во сообраќајот. Масамичи Когаи, шеф на концернот Mazda, се радува на тоа што и неговото претпријатие сега нуди автомобил во когошто возачите седат повисоко од другите.
Според Когаи, новиот CX-3 нема да биде уште едно во низата нашминкани малечки автомобили, што со неколку пластични панели и кревање на повисоко од земјата се претвораат во кросовери. Mazda го произведува овој теренец од 4,28 метри на истата платформа со новата Mazda2, но ниту еден дел од каросеријата не е ист кај обата модела.
Иста е само линијата на каросеријата, којашто Маеда ја нарече „Кодо“. Приближниот превод на тоа би бил „душа во движење“ и значи дека моделите од сите класи имаат елегантна и долга хауба, линија што се издигнува наназад и препознатлив потег зад предните крила. Останатите генералии на CX-3 се ширина од 1,77 метар, висина од 1,55 метар и меѓуоскино растојание од 2,57 метри.
Кога помалиот брат на CX-5 ќе се појави на европскиот пазар во јуни следната година, неговата цена би требало да стартува од помалку од 20.000 евра, додека со највисокото од четирите нивоа на опрема, со погон на сите тркала, шестстепен автоматик и кожени седишта, цената на CX-3 без потешкотии ќе достигне околу 30.000 евра.
Внатрешноста на јапонскиот мини теренец е во стилот на Mazda2 и Mazda3, што значи дека во повисоките нивоа на опрема следува преклоплив проекциски дисплеј, додека со дисплејот од седум инчи се ракува преку централна команда во средишниот тунел. Покрај функциите на навигацијата, на истиот начин може да се повикуваат и апликациите и интернет услугите.
Под хаубата работат мотори познати од гамата на Mazda: Дизел од 1,5 литар со 105 КС и дволитарски бензинец со висока компресија и моќност од 120 и 150 КС. Mazda2 предничи и во безбедносната опрема. Со радарски темпомат што автоматски го одржува растојанието од возилото напред не располага ниту еден од конкурентите. Кај Јапонците може да се добијат и систем за самостојно запирање при опасност од судир, диодни светла или систем за следење лента. Поголемиот дел од овие системи сепак следуваат како опција или само во највисокото ниво на опрема.
















