Купра има големи очекувања за продажбата во САД

Купра има намера да отвори Сити Гаражи долж Источниот и Западниот Брег на САД, исто како и во Сончевиот Појас. Сликата е од неодамна отворениот салон во Истанбул.

За да ги привлече купувачите во САД, што е еден од најголемите предизвици за која било нова марка, па дури и за европските марки, Купра планира продажбата во најголем дел да ја препушти на една од најголемите дилерски мрежи во светот, на Пенске Аутомотив Груп.

Заедно со Скаут, Купра е една од двете марки на групацијата Фолксваген што има намера да почне со продажба на пазарот во САД до завршетокот на десетлетиево. Таа е произлезена од шпанската марка Сеат и стана посебна марка во 2018 година. Извршен директор на двете марки е Вејн Грифитс.

Светската продажба на Купра во 2024 година се зголеми за 7,5 проценти, на 248.100 возила. Двоцифрен раст имаше во Обединетото Кралство, Франција, Полска, Данска и Мексико. Од минатата година, Купра има и посебен салон во Порше Македонија, што се двои со стилот и со организацијата.

Спортски поставената марка повеќе ги привлекува помладите купувачи, со своите комбилимузини и кросовери.

Грифитс и останатите менаџери на Фолксваген се убедени дека спојот меѓу стилот на Купра и технологијата на Фолксваген е предодреден да постигне успех во САД.

Грифитс е ветеран на Фолксваген, со 35-годишно искуство, на различни позиции во текот на неговата кариера во групацијата. Тој се има запознаено со Роџер Пенске уште додека работел во Ауди. Грифитс зборува со одушевување за Пенске и постои голема доверба меѓу директорите на Фолксваген и некогашната тркачка и сега дилерска легенда, познат како Капетанот.

Од лево: Томас Шефер, извршен директор на марката Фолксваген, Роџер Пенске, извршен директор на Пенске Аутомотив и Вејн Грифитс, извршен директор на Сеат и Купра, на состанок во Лос Анџелес

Купра и Пенске Аутомотив уште во ноември соопштија дека отпочнале со првични преговори за соработка. Во меѓувреме, како што соопшти Грифитс, преговорите се напредувани и двете компании се надеваат дека ќе постигнат конечен договор во 2025 година.

Купра го испрати Бернхард Бауер, еден од своите врвни менаџери, да работи во Мичиген, во седиштето на Пенске Аутомотив, со тамошните менаџери. Неговото претходно работно место беше во Купра Германија, најголемиот пазар на марката, каде што продажбата лани порасна за 12 проценти, на 80.700 возила.

Грифитс кажа дека Купра во САД ќе работи посебно од Фолксваген Груп и ќе има сопствено седиште.

Купра Сити Гараж во Мадрид е повеќе кутурен центар отколку обичен салон

Купра не оди на директна продажба

Различно од стартапот Скаут Моторс на Фолксваген Груп, каде што се планира директна продажба на клиентите, на негодување на дилерите на Фолксваген и Ауди, како и на националното здружение на дилери на авотмобили, Купра ќе оди по друг пат.

Планот на Купра е да се здружи со Пенске и да се отворат т.н. Купра Сити Гаражи, што во основа се салони, долж Источниот и Западниот Брег, како и во државите во Сончевиот Појас. Уште не е решено во чија сопственост ќе се наоѓаат салоните.

Грифитс соопшти дека во почетокот ќе бидат отворени околу 20 салони. Купра во моментов има сити-гаражи во Мексико Сити, Сиднеј, Берлин, Париз, Мадрид, Истанбул и други градови.

Купувачите ќе склучуваат договор со Пенске, а плаќањето ќе биде онлајн или дигитално. Сервисирањето и услугите исто така ќе бидат препуштени на Пенске.

„Доколку постигнеме договор со Пенске, ќе ја добиеме таа предност што можеме да почнеме уште веднаш, затоа што тие се разгранети и се многу брзи,“ кажа Грифитс. „Не почнуваме од нула и не сме толку наивни, за да веруваме дека почнуваме во САД и ќе градиме сопствена мрежа за продажба.“

Пенске доби највисоки оцени од јавноста во САД, во редовното годишно истражување на задоволството на клиентите.

Купра Терамар

Купра ќе нуди модел што посебно е приспособен за САД

Главната грижа е околу понудата од модели на Купра во САД.

Кога пред две години почна да се гради стратегијата за освојување на пазарот во САД, намерата тогаш беше Купра да стартува како електрична марка.

Плановите во меѓувреме се сменија. Купра ќе нуди и модели со мотор со внатрешно согорување, и приклучни хибриди и целосно електрични модели.

Најмалку еден модел ќе биде конструиран посебно за пазарот во САД и ќе се произведува во фабрика на Фолксваген во Северна Америка. Друг модел ќе се увезува од Европа.

Дизајнот на моделите на Купра нема да се смени, кога марката ќе стартува од другата страна на океанот. Разликата ќе биде во димензиите, затоа што тамошниот пазар бара поголеми возила. Моделот чиешто име не се открива, ќе се извезува и надвор од САД.

Кросоверот Терамар, еден од најновите модели на Купра, во САД ќе се продава по цена од 46.027 долари, што одговара на околу 44.600 евра.

Во текот на првото тромесечје ќе биде решено кои модели ќе се продаваат во САД. Потоа ќе се решава и околу фабриката што ќе го произведува моделот на Купра за Северна Америка.

Во почетокот ќе се нуди само еден модел, за в година да следи и втор модел. Главниот предизвик е Купра брзо да создаде критична маса и да постигне забележлива продажба, за на тој начин да се оправдаат големите вложувања во САД, вклучувајќи го тамошното производство на моделот на Купра.

Грифитс очекува во среден рок да се достигне продажба од околу 100.000 возила на годишно ниво во САД.

„Нашата амбиција не е да се вмешаме меѓу најголемите играчи на пазарот во САД,“ вели Грифитс. „Нашата амбиција е да бидеме марка, специјална марка, дизајнерска марка од Барцелона, што е посебна и единствена за клиентите што сакаат индивидуалност.“

Салонот на Купра и Сеат во Скопје

Претходна објаваГерманските партии со спротивставени ставови за електричните автомобили пред изборите во февруари
Следна објаваПежо 3008 за шест месеци надмина 100.000 продажби

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here