
Французите јавија за првите 100.000 продадени примероци од новиот Пежо 3008 и во соопштението наведуваат дека тоа е „комерцијален успех“. Тоа е воедно и вистинскиот успех за еден производител, затоа што бројни модели што во минатото понесувале наслови на автомобил на годината ваму или таму, не наишле секогаш на истиот успех меѓу купувачите. На Пежо му успеа и на двата фронта.
Сто илјади примероци за шест месеци од почетокот на продажбата и повеќе од една петина учество на моделските изведби со целосно електричен погон. Што може повеќе да ги охрабри намерниците, што се пред конечен избор на следниот автомобил, освен веста дека еден од нивните фаворити се продава одлично? Тоа е најделотворната реклама за кој било автомобил. За Пежо 3008, исто така.
Понудата годинава ќе се прошири со уште еден електричен Е-3008 со два мотори и погон на сите тркала. Тој ќе им се придружи на изведбата со 210 КС и батерија од 73 кВч, со досег од 529 километри, и на изведбата со 230 КС и продолжен досег, односно батерија од 96,9 кВч и досег до 701 километри. Во последниов случај, не постои СУВ што постигнува подолг досег од Е-3008 Лонг Рејнџ.
Моделското семејство на третата генерација на 3008 содржи и изведба со благ хибриден погон и 136 КС, како и изведба со приклучен хибриден погон, со 1,6-литарец со 150 КС, електромотор со 125 КС и досег од 85 километри при возење чисто на струја.
Тоа што вистински убедува кај 3008, и што се покажа при тестирањето лани, се иновациите што им се важни на возачките и возачите. Поточно, подрачјата во коишто 3008 се разликува од конфенционираната понуда на пазарот, а тие се бројни, освојуваат симпатии.
Тоа важи и за дизајнот, и за ај-кокпит, заедно со впечатливо изведеното просторно осветлување, и за комфорот, па и за изработката. Пријатното чувство во возењето во најголем дел се темели врз новата платформа СТЛА Медиум – Пежо 3008 е првиот модел во целиот концерн Стелантис, што се качи на оваа напредна платформа. Сé добива смисол со францускиот печат, што е присутен насекаде.
За бранењето на европската автомобилска индустрија од нападите од кинеските електрични автобили е клучно тоа што Е-3008 се произведува во Сошо, во Франција.
Од стоте илјади продадени примероци досега, најголемиот дел е испорачан за домашниот пазар (35.000 возила), потоа во Обединетото Кралство (25.000 возила) и Германија (9.000 возила).
Уделот од 22% на електричните изведби е повисок од просекот во сегментот на компактните СУВ. Пежо Е-3008 има највисоко учество на холандскиот пазар, каде што 37% од продадените возила се електрични, а не заостануваат многу и Белгија (34%) и Обединетото Кралство (31%).
Статистиката од продажбата на Пежо 3008 покажува и дека 60% од возилата се во врвното ниво ГТ. Во Велика Британија, пак, дури 85% од купувачите на 3008 се решиле за врвното ниво. Тоа е мошне охрабрувачки за менаџерите на Пежо, коишто чекор по чекор, но без колебање, ја туркаат марката во насока на премиум сегментот.















