
Гласачите во Германија, најсилната економија во Европа, на 23-ти февруари излегуваат да го дадат својот глас.
Сите големи партии на изборите се против тоа, производителите на автомобили да се казнуваат, доколку ги надминат новите и многу построги ограничувања за емисијата на ЦО2 што ЕУ ги постави годинава.
Партиите од десното крило се противат на забраната за продажба на возила со мотор со внатрешно согорување по 2035 година, додека партиите од левото крило се залагаат за забраната да остане, но затоа планираат да воведат и поголеми олеснувања за купувачите на електрични возила.
Во продолжение се ставовите за автомобилите и за автомобилската индустрија во програмите на големите партии:
ЦДУ/ЦСУ
Конзервативната Христијанска Демократска Унија, заедно со баварската сестринска партија ЦСУ, планира да ја укине забраната за продажба на автомобили што користат фосилни горива по 2035 година. Со гледиште на индивидуалната мобилност како начин на постигнување на личната слобода, партијата ја одбива политиката што ја цени како „анти-автомобилска“ и којашто меѓу другото вклучува воведување брзинско ограничување по автопатиштата во Германија и забрана за сообраќај со автомобили во центарот на градовите.
Тие порачуваат дека ограничувањата за емисијата на ЦО2 може да доведат до скапи казни при надминување на лимитот, и поради тоа истите мора да се сменат и да се избегнат казните.
Париите подржуваат проширување на мрежата од полначи за електрични автомобили, но се залагаат и за „отвореност кон технологија“, каде што се опфатени и е-горивата, иако тие не посочуваат точно дали истите ќе може да се користат во патнички автомобили и во други превозни средства.
АфД
Крајно десничарската Алтернатива за Германија, исто така се залага за откажување на забраната за автомобили што користат фосилни горива по 2035 година. Тие бараат осигурување, дека автомобилите со мотор со внатрешно согорување ќе продолжат да се произведуваат колку е можно подолго, со цел да се заштитат работните места.
Партијата бара да се запре со трошење јавни пари за мрежата од полначи за елеткрични автомобили и да се дозволи, пазарот да решава која технологија е најсоодветна за автомобилите, место законите да го решаваат тоа.
На сите видови автомобили треба да им се даде исто даночно ослободување, стои во програмата на партијата.
СПД
Умерено левичарската партија на Социјал-демократите предлага да се смалат даноците при купување или лизинг на електрични возила, проширување на мрежата од станици за полнење и смалување на давачките за пренос на електрична енергија, за полнењето на батеријата на електричните автомобили на тој начин да стане подостапно.
Партијата исто така се противи за производителите на автомобили да се казнуваат доколку ги надминат границите за емисија на ЕУ, наведувајќи дека на тој начин ќе им се овозможи на производителите да вложуваат повеќе средства во развој на електрични возила.
Зелени
Зелените имаат построг пристап за да осигураат дека производителите на автомобили ќе се посветат на електричните возила. Тие не се откажуваат од забраната за продажба на автомобили со погон на фосилни горива по 2035 година и ценат дека производителите треба да плаќаат казна, доколку не ги исполнат барањата на ЕУ за емисија на ЦО2. Тие ценат дека на производителите треба да им се остави подолго временско растојание за да ја платат казната, со фондовите што европските иницијативи ги користат за подршка на производството на електрични возила.
Тие предлагаат програми за развој на софтвер и на батерии, како и проширување на производствените капацитети за стратешки технологии, како што се микрочипови и батерии.
Раководејќи се според Актот против инфлацијата во САД, партијата цени дека државата треба да обезбеди поддршка за купувачите на електрични возила што имаат вградено во нив поголем број компоненти од европско производство. Се бараат и даночни ослободувања за полнење на електричните возила за домаќинства со пониски примања. Партијата ги подржува царините на ЕУ за електрични автомобили што се произведени во Кина.















