Изгледот на врвната моделска изведба на Corvette е познат уште од порано. Сега следуваат првите податоци за моторот. Со 650 КС, новиот Z06 се зајадува со Porsche 911 Turbo S и Ferrari F12 Berlinetta.
Новата Corvette Z06 е најсилниот сериски автомобил во историјата на General Motors и еден од малкуте американски автомобили со повеќе од 600 КС. Моторот V8 со компресорско натполнење и зафатнина од 6,2 литри постигнува моќност од 650 КС при 6.400 вртежи и максимален вртежен момент од 881 њутнметар при 3.600 вртежи. Со тоа, Z06 им се спротивставува на најсилните суперавтомобили на пазарот.
Предноста на моторот LT4 во споредба со другите мотори во класата е во испораката на висок вртежен момент уште при ниски вртежи. Осумцилиндарецот произведува 619 Nm уште додека работи во место и близу 850 Nm при само 2.800 вртежи. За споредба, моторот V12 во Ferrari F12 Berlinetta има 28 проценти помал вртежен момент од Z06 – при 12% поголема моќност – и го постигнува максимумот дури при 6.000 вртежи, додека LT4 испорачува 90 проценти од максималните њутнметри во целото подрачје од 2.500 до 5.400 вртежи. Porsche 911 Turbo S исто така заостанува зад најсилната Corvette со 90 КС и 182 њутнметри.
Ваквата „ранобудност“ на моторот во Z06 во најголем дел произлегува од компактната конструкција на механичкиот компресор, на што се надоврзуваат и технологиите од моторот LT1 во Corvette Stingray, вклучувајќи директно вшприцување, исклучување на цилиндрите и безстепена промена на фазата на вентилите. Покрај тоа, компресорот има максимални 20.000 вртежи, односно 5.000 повеќе отколку во Corvette ZR1.
Corvette Z06 стандардно доаѓа со седумстепен мануелен менувач, а опционално со нов осумстепен автоматик, што според инженерите на GM може да им се спротивстави на најдобрите менувачи со двојна спојка во класата. Автоматикот за прв пат се нуди како опција во Z06. Продажбата на Corvette Z06 на американскиот пазар ќе стартува во последниот квартал од годинава, вообичаено со цена што ќе биде значително пониска од оние на Porsche & Co.

















