Откако Peugeot го најави воведувањето благ хибриден погон како нова можност за избор, сега уште една марка од концернот Stellantis јавува дека ja нуди оваa не многу скапа, но делотворна техника за штедење и намалување на штетната емисија.
Стартер-генераторот што е основа на благиот 48-волтен хибриден погон, му се придружува на новиот 1,2-литарски бензинец PureTech со три цилиндри, којшто располага со моќност од 136 КС, наспроти 130-те коњски сили на претходната верзија на моторот. Погонската спрега ја дополнуваат 6-степен менувач со двојна спојка, и секако, мала и евтина батерија (432 Wh), што се полни при возењето.
Citroen вели дека техниката постигнува заштеда од 15 проценти, а воедно го подобрува значително и пријатното чувство при возење во град. Стартер-генераторот тивко и без какви било вибрации го стартува моторот преку ремен, за разлика од класичното решение, каде што се користат посебно стартер и алтернатор.
Францускиот производител цени дека до 50 проценти од градските рути може да се минат во целосно електричен режим. Процентот е по малку маркетиншки претеран, но несомнено е дека техниката изненадува многумина со намалувањето на потрошувачката.
Ознаката на новата моделска изведба во понудата на Citroen гласи C5 Aircross Hybrid 136. Испораките ќе стартуваат во второто полугодие.
Во гамата од моделски изведби со електрифицирана погонска спрега во семејството на C5 Aircross спаѓаат уште две изведби со приклучен хибриден погон, со системски 180, односно 225 КС. Според Citroen, тие учествуваат со 40 проценти во продажбата.