Производителот на товарни возила Daimler Truck планира голем дел од својот комплициран бизнис во Азија да го подели со Toyota и на тој начин да ги смали сопствените вложувања.
Daimler Truck ќе ја соедини својата посестринска марка Mitsubishi Fuso Truck and Bus со посестринската марка товарни возила на Toyota, Hino, во нова холдинг компанија. Тоа денес го соопштија двете компании по потпишаното писмо на намери во Токио.
Компанијата ќе биде нотирана на берзата во Токио, а голем дел ќе им припадне на надворешни инвеститори. Daimler Truck и Toyota ќе учествуваат со еднаков удел. Засега не се објавуваат финансиски детали, во оваа фаза станува збор единствено за писмо на намери.
Вредноста на акциите на Daimler Truck рано утринава порасна за 1,1 процент и достигна 28,83 евра. Курсот од ноември се движи околу вредноста од 30 евра и порасна значително од 20 евра, колку што изнесуваше при избувнувањето на војната во Украина. Рекордната вредност беше 36 евра, во јануари лани.
Заедничкиот проект во Азија ќе помогне во трансформацијата на бизнисот со товарни возила и ќе форсира заедничко користење на технологиите. Шефот на Daimler-Truck, Мартин Даум, кажа дека производителите на товарни возила за кусо време ќе мораат да нудат три видови погон – дизел, електричен и водороден – но, тоа нема да доведе до зголемување на продажбата на камиони.
Daimler Truck Holding and Toyota Motor say they have entered a nonbinding agreement to combine the businesses of their truck units in Japan. https://t.co/CkLXJaGk2U
— The Japan Times (@japantimes) May 30, 2023
Соработката цели првенствено на пазарите во Јапонија и во Југоисточна Азија. Кинескиот пазар, којшто е несоредливо најголем пазар за камиони во светот и во последните години постигна неколкукратно поголем раст во споредба со остатокот од светот, воопшто не е цел на фузијата.
Заинтересираност за технологијата со горивни ќелии на Toyota
Hino ќе добие пристап до техниката за тешки товарни возила на Daimler Truck. Со поддршка од моќните акционери, фирмите се очекува да добијат пристап до свеж капитал и да ги здружат своите моќи. Ќе се соработува и во развоој на водороден погон и останати технологии од иднината. Даум посебно верува во компетентноста на Toyota во водородниот погон. Јапонците имаат напредувано далеку во развојот на оваа технологија, но и јапонската влада се залага за водородот.
Шефот на Fuso, Карл Депен, цени дека јапонскиот пазар во целина е мошне стабилен, со околу 190.000 продадени возила годишно.
Daimler Truck се најде пред силни предизвици на азискиот пазар во минатата година. Оперативната маржа се намали за 60 проценти, иако продажбата и прометот се зголемија. Daimler Truck лани продаде 156.000 возила во Азија. За споредба, во Северна Америка беа испорачани 187.000 возила. Годинава не се очекува значително зголемување на профитабилноста. Бизнисот во Северна Америка и Европа е многу посплатлив.
Потпишувањето на договорите се очекува во првиот квартал од 2024 година.
Планираната фузија во Јапонија може да има влијанија и врз конкурентот Traton (Scania, MAN), којшто е дел од концернот Volkswagen. Михенскиот производител соработува со Hino од 2020 година, во заедничка компанија за развој на електричен погон, а се одвива и соработка во набавката. Hino и Toyota не посочија какви се плановите за оваа соработка.