за

Колкава е провизијата на дилерите на Audi според новиот агенциски модел

Начинот на продажба на возилата на Audi во Германија се менува. Од 1-ви јануари 2024 година, премиум марката на VW почнува со агенциски модел за електричните автомобили.

Audi и германските дилери се спогодија за иднината на продажбата на електричните возила во земјата. Од 1-ви јануари 2024 година, премиум марката на концернот Volkswagen го воведува агенцискиот систем.

Партнерите на Audi во Германија во иднина ќе ја посредуваат продажбата на електрични возила по налог на производителот на автомобили, место да ги купуваат и продаваат возилата на сопствена сметка.

Двете страни се спогодија по долги преговори. Најжестока расправа се водеше околу висината на бонусот. Партнерите на Audi во Германија во иднина ќе добиваат фиксна провизија од шест проценти и променлива висина на бонусот, којшто ќе се движи меѓу 1,5 и 2,5 проценти. Во 2025 и 2026 година, флексибилниот дел постепено ќе се смалува.

Партнерите се задоволни со постигнатата спогодба. Дилерите во Германија очекуваат дека во следните години ќе постигнуваат просек од 7,5 проценти. Премиум марката неодамна ги повика своите дистрибутери на средба во Некарсулм, за да ги информира за плановите.

Со тоа заврши спорот меѓу Audi и дистрибутерите во Германија, а воедно се отвори и патот за воведување на агенцискиот модел. Во останатите држави, Audi веќе има постигнато поголем напредок во тој поглед. Директорот за дистрибуција на Audi на ниво на Европа, Јенс Путфаркен, во моментов го воведува агенцискиот систем за електричните автомобили во останатите европски држави. Следни се Франција, Шведска и Велика Британија.

Бонусот од Audi може да послужи како пример за целиот концерн. За матичната марка на концернот Volkswagen, на дистрибутерите во моментов им следи фиксна провизија од четири проценти, плус два проценти флексибилен бонус за секој посредуван електричен автомобил. Вo Skoda и во марката доставни возила Volkswagen, двете страни уште немаат најдено заедички точки за воведувањето на агенцискиот модел. Главен проблем е висината на бонусот.

Конкурентите Mercedes-Benz и BMW исто така ја префрлуваат продажбата на агенциски систем. Mercedes уште деновиве стартува во Германија, додека BMW ќе се префрли на новиот систем дури во 2026 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Маржата на производителите на автомобили намалена во првиот квартал

Daimler и Toyota заеднички со камионите на пазарите во Азија