Бурните времиња на автомобилската сцена, во првиот квартал најмногу ја погодиле Tesla. Маржата на американскиот електро-пионер е намалена значително. Во оваа категорија, водечкото место го презеде еден стар германски производител.
Најголемите производители на автомобили во светот мораат да се соочат со намалена профитабилност. Тоа го покажува најновата автомобилска студија на познатата консултантска куќа Ernst and Young.
Во првото тромесечје од годинава, прометот на автомобилските компании се зголемил за околу 19 проценти, во споредба со истиот период лани. Меѓутоа, оперативниот профит во првите три месеци постигнал раст од само 6,1 проценти. Продажбата на возила пораснала за четири проценти.
Профитабилноста, сметано според оперативната маржа, којашто претставува сооднос меѓу оперативната добивка и прометот, забележала намалување од девет на осум проценти.
Нов шампион со висината на маржата, меѓу 16-те најголеми и највлијателни производители на автомобили, коишто се опфатени во студијата, е штутгартскиот производител Mercedes-Benz, со оперативна маржа од 14,7 проценти. По него следат BMW (14,6 проценти) и Kia (12,1 проценти). Од врвот на листата се симна Tesla, којашто во првиот квартал постигнала маржа од 11,4 проценти и сега е на 4-то место.
Од производителите на автомобили се бара да штедат повеќе
„Првпат од почетокот на 2021 година гледаме значително забавување во добивката, којашто веќе подолго време не расте толку силно како прометот“, оценува директорот на одделението за мобилност за Западна Европа во Ernst and Young, Константин Гал. Пазарот почнува да се нормализира. „Новите автомобили наскоро нема повеќе да бидат дефицитарна стока, како што беше случај во минатата година“, наведува Гал во сопштението.
Поради тоа, сé потешко ќе им биде на производителите на автомобили, да настапуваат на пазарот со високи цени и да се откажуваат од попусти. „За некои компании наскоро ќе заврши времето на маржи од соништата.“
Покрај тоа, повеќето производители во моментов постигнуваат значително повисоки добивки со модели со мотор со внатрешно согорување, отколку со електричните возила, оценува консултантот на Ernst and Young, Петер Фус. Проиводителите мора да успеат да заработуваат повеќе со електричните авотмобили. „Дисциплинираното трошење е неизбежно, во спротивно се заканува значително намалена профитабилност во подолг рок.“