Актуелниот модел од средната класа C5 ќе биде последен автомобил со хидропневматска суспензија во понудата на Citroen. Шефицата Линда Џексон ќе ја замени традицијата за посовремено технолошко решение.
Citroen во иднина нема да нуди модел со хидропневматска суспензија, технологијата којашто на француската марка и обезбеди важно место во автомобилската историја и врежана е во имиџот на марката повеќе од каква било друга технологија. Во замена за хидропневматиката ќе се користат нови технологии, коишто ќе обезбедат комфорно возење, својствено за големите модели на Citroen. Тоа официјално го потврди шефицата на француската марка, Линда Џексон.
Засега не се објавуваат детали околу „новата“ технологија во подвозјето. Откажувањето од хидропневматската суспензија е само следна во мноштвото мери кои имаат за цел да ги намалат трошоците за развој на нови модели и производство во PSA Peugeot Citroen, наложени од првиот човек на концернот, Карлос Таварес.
Традицијата датира уште од легендарната „божица“ од 1950-те години
Примената на систем за амортизација со сфери полни со азот, коишто омекнуваат и стврднуваат под дејство на хидраулична течност, заменувајќи ги конвенционалните навојни пружини, имаат повеќедецениска традиција во моделите од повисоките класи на Citroen. Токму овој систем му обезбеди важно место во автомобилската историја на легендарниот модел Citroen DS од 1955 година. Актуелниот модел од средната класа C5 користи компјутерски регулирана верзија на хидропневматската суспензија во поскапите изведби.

C5 ќе биде последен модел на Citroen со хидропневматика. Џексон неодамна најави дека се подготвува наследник на моделот, но не го прецизираше датумот на почетокот на продажбата. Шефицата само потврди дека моделот ќе се продава на кинескиот пазар, кадешто има голем интерес за локално произведените примероци од моделот од средната класа, наспроти европскиот пазар, кадешто C5 има само маргинална улога. Сосема е веројатно идниот модел од средната класа воопшто да не се продава во Европа, односно неговото место да го пополни соодветен модел од „новата“ марка DS.
Според Џексон, „хидрауличната суспензија заминува во пензија поради тоа што е застарена технологија.“ Идните модели на Citroen ќе користат нова технологија, што ќе понуди споредливо ниво на комфор со хидропневматиката. „Новата“ технологија е веќе вообичаена во браншата. Со притискање копче може да се избира помека или потврда амортизација, поостра или поблага реакција на моторот при притискање на педалот за гас, подиректно чувство во управувачот … Тоа е поевтина технологија, но не е толку „евтина“ колку убеденоста да се уништи хидропневматиката.
















