Автомобилот со погон на водород на Toyota е единствен на пазарот што минува преку 300 милји со едно полнење на резервоарот – без притоа да испушти ниту грам штетни материи. Америка се подготвува за следната автомобилска револуција.
Американската агенција за заштита на животната средина официјално потврди дека сериски произведуваниот автомобил со погон на водород Toyota Mirai минува 67 милји со еден галон на гориво, што одговара на 3,5 литри гориво на сто километри. Горивото во овој случај секако е чист водород што се чува под висок притисок во специјални резервоари во возилото. Пресметките на агенцијата потврдија дека Toyota Mirai е способна да извози 312 милји или 502 километри со еден резервоар. Не постои друг автомобил со нулта емисија на штетни материи, што минува подолго растојание со едно полнење од автомобилот со погон на водород на Toyota. За споредба, електричната лимузина Tesla Model S, според декларацијата на производителот, може да мине 295 милји со полни батерии, под услов да вози со константна брзина од 65 милји на час, или 265 милји со вклучен клима уред – што не се споредува со реалните 312 милји на Mirai. Со тоа, погонот на водород докажува уште еднаш дека е супериорен во однос со секој друг вид на погон што досега го понудила автомобилската индустрија.
Хибридниот погон и Prius се сегашноста, водородот и Mirai се новата иднина
Mirai е прв автомобил од големосериско производство што користи водород како погонско гориво. Во основа, тој е идентичен со електричните автомобили, со таа разлика што енергијата место да се чува во тешки и скапи батерии, се добива преку хемиска реакција на чистиот водород од резервоарот со кислородот од атмосферата, во т.н. горивна ќелија. Место бензин, дизел, струја, автогас или метан, лимузината со простор за петмина патници и нормална функционалност, користи водород. На крајот на процесот се добива совршено чиста вода. Токму така, од издувната цевка излегува само водена пареа.
Продажбата во Јапонија веќе стартуваше, во текот на летово следува Калифорнија, а наесен и поголемите пазари во Европа ќе го добијат водородниот автомобил на Toyota. Цената во САД ќе изнесува околу 60.000 долари, додека на европскиот пазар се очекува цена од околу 80.000 евра.
















