за

Chrysler Portal ги отвора портите штом го „здогледа“ сопственикот

Погон на струја, автономна технологија како привремена замена за возачот, комплетно поврзување на мрежа, изобилство простор и одушевувачка практичност. Тоа се главните карактеристики на визионерскиот Portal когошто некогашниот маестро на концептните автомобили Chrysler го претстави на салонот за потрошувачка електроника во Лас Вегас.

Концептниот автомобил Portal од концернот Fiat Chrysler е одговор како би можело да изгледа модерното живеење во иднината, конкретно за генерацијата миленијалци, кои помалку се расположени да поседуваат автомобил отколку сите генерации пред нив, но затоа се отворени за опцијата за изнајмување автомобил кога ќе затреба, исто како и за сите нови технологии коишто во меѓувреме ги освоија автомобилите и се базираат врз принципот на мобилна апликација.

chrysler portal 1

Дури со појавувањето на Portal автомобилската јавност станува свесна колку всушност и недостигаа концептните автомобили на Chrysler. Дизајнот е мајсторско дело и наполно се разликува од каква било друга визија на сцената на четири тркала – доколку воопшто и може да се каже дека браншата уште ни нуди спектакуларни визии за иднината – со исклучок на само неколку марки. Сето тоа има и традиција: Концептите Atlantic од 1995 година, Pronto Cruiser и Phaeton од 1997 година се само дел.

Секако дека не е изненадување тоа што Portal користи батериски погон и со енергијата во батериите вградени во подот постигнува автономија од 400 километри. При приклучување на брз полнач, батериите се полнат до 60% од нивниот капацитет за помалку од 20 минути.

chrysler portal 2

Визионерите на италијанско-американскиот концерн создадоа кабина со големи површини под стакло, што придонесува за попријатно чувство на патниците. За сите седишта се предвидени приклучоци за секаков вид преносни уреди, од паметни телефони и таблети, до играчки конзоли. Преку поврзувањето на интернет, Portal разменува податоци со останатите возила или со интелигентната инфраструктура.

chrysler portal 3

Камери се вградени однадвор и во самата кабина, првите заради безбедност во возењето, вторите заради забава или комуникација на патниците, вклучувајќи и видеоконференции. Сите главни функции се прикажуваат на гилем дисплеј, кој доминира во едноставниот и прегледен кокпит.

chrysler portal 00002

Подот е рамен по целата должина на кабината, а оздола се наоѓаат тенки литиум-јонски батерии со капацитет од сто киловатчасови. Рамниот под овозможува големата кутија поставена на средишните шини да се поместува по целата кабина според потреба. По истиот принцип, седиштата може да се преклопат како полска столица и да се наредат едно зад друго, со цел Portal да се користи за транспорт на големи предмети – без потреба седиштата да се отстрануваат од возилото.

chrysler portal 00004

Во прилог на практичноста се и лизгачките врати, коишто го олеснуваат пристапот во кабината – и случајно или не црпат уште една чисто италијанска инспирација од легендарниот концепт на Bertone од 1960-те години, во форма на Lamborghini Marzal, чиишто врати сепак се отвораа угоре, место да лизгаат странично како кај Portal. Сензори вградени во вратите го препознаваат ликот што се приближува и автоматски ги отвораат лизгачките врати доколку лицето има дозволен пристап. При отворањето, рамката на вратите свети во зелена боја.

chrysler portal 00001

Пријатно изненадување ќе биде доколку Portal наскоро биде пуштен во сериско производство, затоа што основните идеи зад концептот и не се толку футуристички, колку што се визионерски и уште сега може да се реализираат – и одлични се за бегство од сивилото на теренците од секаква големина и класа, но секогаш со истата здодевна идеја. Chrysler, ти благодариме за освежувањето со оваа визија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германската железница превезла 40.000 контејнери за Кина

Автомобилскиот свет низ бројките на Seat