Електричната верзија на најмалечкиот модел на Chevrolet стартуваше со продажба во САД порано од очекувањата. Цената на возилото е интересна, но уште повеќе е цената на лизингот.
Chevrolet првично го најавуваше електричниот Spark за следната година, но неговата продажба во САД ќе стартува веќе во следниот месец. На поголемите европски пазари моделот ќе стартува в година. Второто изненадување е цената. Пред официјалниот старт се најавуваше цена од 32.000 долари, а сега Chevolet излегува со цена од 27.500 долари, што е околу 21.500 евра. Малечкиот електромобил не се продава за багатела, но цената е сепак за 4.500 долари пониска од очекуваното.
Особено интересна е можноста американските возачи да го добијат Spark EV за месечен лизинг од 199 долари, односно 150 евра, со учество од 999 долари. Цената на електричниот Chevrolet ќе биде дури и пониска за купувачите во САД. Државата одобрува субвенции во висина до 7.500 долари (5.800 евра) за возила со еколошки погон. Во зависност од сојузната држава, тоа значи дека крајната цена на електричниот Spark изнесува сензационални 15.500 евра! Во споредба со просечен автомобил во САД, со потрошувачка од десет литри гориво на сто километри, возачот на Spark EV може да заштеди околу 150 долари месечно, при цена на еден киловатчас од 12 центи.
Иако каросеријата е малечка, под неа се крие вистински центар на моќ. Електромоторот постигнува 136 КС и ја црпи енергијата од литиум јонски батерии со капацитет од 20 киловатчасови. Покрај вртежниот момент од 542 Nm, Spark EV забрзува до сто за 8,5 секунди. Досегот според производителот изнесува 130 километри. Полнењето на батериите е релативно брзо: 20 минути на еднонасочна струја, за наполнетост од 80 проценти. На домашна струја, полнењето трае меѓу 6 и 8 часови.