за

Cadillac плаќа по 100 долари за пробно возење на нивните модели

Луксузната американска марка пронајде начин да ја поттикне продажбата на домашниот пазар – заинтересирани купувачи добиваат по сто долари за тест. Cadillac сепак е во добивка на крајот.

Во обид да ја поттикне продажбата на возила и да привлече нови купувачи, Cadillac им плаќа по 100 долари на заинтересираните купувачи за пробно возење на луксузните модели. Кампањата започна во март во сите дилерства на марката во САД и ќе заврши на крајот на април.

Пробното возење можат да го направат сите возачи на возраст над 21 година, со важечка возачка дозвола, осигурување, под единствен услов да поседуваат возило поново од 2004 година, коешто не е од марките на General Motors. Доколку возачите се решат да купат возило по пробата, Cadillac ќе им одобри попуст во висина од 1.500 долари.

Луксузната марка на General Motors бара начин да ја зголеми продажбата, откако во март беше забележан минус од 6,3 проценти. Во минатата година Cadillac постигна зголемување на продажбата од 22 проценти, но трендот не се задржа во првиот квартал од годинава. Марката е во офанзива и на европскиот пазар, каде што се обидува со моделите ATS и CTS да се етаблира против премиум конкурентите Mercedes и Audi.

Што се однесува до стоте долари како награда за тест возачите, тоа е премала сума за рекламата што ја прават возилата додека циркулираат по улиците. Многу повеќе народ ги забележува возилата на улица пред себе, отколку на билбордите или во медиумските реклами. Cadillac практично ги најмува возачите да рекламираат за него.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot планира да се врати на пазарот во САД

Volkswagen ќе инвестира 18 милијарди евра во Кина