за

Bugatti за 30.000 евра, нерегистриран и брз 20 km/h

bugatti baby II

На последниот салон во Женева, Bugatti најави дека работи на ново издание на оригиналното Bugatti Baby во чест на 110-годишнината. Од францускиот Молхајм пристига вест дека моделот веќе влегол во сериско производство и клиентите наскоро ќе ги добијат своите нарачки. Целата оваа најава ќе беше вообичаена, доколку не стануваше збор за четирицикл.

Целата серија од 500 примероци се распродаде по само три недели од најавата на ланскиот салон во Женева. Некои клиенти во меѓувреме се откажале и со тоа се ослободени неколку места за нови нарачки по принципот прв дојден – прв услужен. Постои и посебна страница за нарачки https://bugattibaby.com/.

Приказната за оригиналното Bugatti Baby датира од 1926 година, кога Еторе Бугати и неговиот син Жан решиле да изработат смалена верзија на славниот Type 35. Таа била наменета за најмладиот син на Еторе, Роланд, за неговиот четврти роденден. Тоа што требало да биде уникат постигнало фантастичен успех. Квадрициклот се изработил во 500 поримероци меѓу 1927 и 1936 година. Колекционерите особено ги ценат овие „детски“ модели, но само малку се сочувани.

Наспроти првиот „Baby“, одвај со простор за 8-годишници, новото издание е поголемо и во него можат да се сместат и четиринаесетодишници. Baby II е достапен во три изведби: Основна со композитна школка и батерија од 1,4 kWh, средна изведба Vitesse со карбонска школка, посилен електромотор и батерија од 2,8 kWh, како и колекционерски топ-модел Pur Sang со алуминиумска школка изработена рачно.

Погонот е назад, диференцијалот поседува блокада. Основниот модел вози најбрзо 20 km/h во почетниот модус и располага со 1,36 КС, додека во експертскиот модус може да постигне 45 km/h и електромоторот тогаш ослободува 5,5 КС.

Во поглед на соодносот меѓу цената и крајната брзина што ја постигнува, не постои поскап „автомобил“ од Bugatti Baby II

Со двата посилни модели се иоспорачува легендарниот Bugatti Speed Key, за отклучување на крајните можности. Нивниот мотор тогаш ослободува 13,6 КС, а крајната брзина на „болидот“ од 230 килограми изнесува 70 km/h. Спринтот до 60 km/h трае околу шест секунди, зависно од тежината на возачот. Досегот изнесува 25 километри во основниот модел, односно двојно повеќе во топ-изведбите. Ако тоа е недоволно, празната батерија може да се замени со наполнета за само неколку секунди.

Подвозјето е исто како на вистински Type 35, односно како неговата тркачка верзија Lyon GP. Дури и фабричкиот тест возач, прочуениот Енди Волис, учествуваше во завршното дотерување на Baby II.

Практично сите детали на Baby II се конструирани и изработени како да станува збор за вистински автомобил. Соодветно на тоа се движат и цените. Основниот модел чини 30.000 евра, Vitesse доаѓа до 43.500 евра, додека Pur Sang чини 58.500 евра.

https://www.instagram.com/p/CDBweYFC3jj/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault TWINGO ELECTRIC Vibes

Renault Twingo ќе вози на струја, цена 25.000 евра

seat leon антени

Во новиот Seat Leon се вградуваат 16 антени