Точно на почетокот на сезоната доаѓа големиот новитет од американскиот производител на мотоцикли Brammo. Топ моделот Empulse R минува до 200 километри на струја и постигнува 180 km/h.
Врвниот модел на специјалистот за електрични мотоцикли од пролетва ќе се продава и на европскиот пазар. Empulse R моментно е најбрзиот мотоцикл со погон на струја во сериско производство. Неговиот електромотор со моќност од 54 КС и вртежен момент од 90 њутнметри овозможува крајна брзина од 180 километри на час и забрзување до сто за околу четири секунди.
При возење во град, со полни батерии може да се поминат до 200 километри, а при умерено темпо на отворен пат до 150 километри. Кој сака да го искористи целосниот потенцијал на моторот ќе мора да смета дека во тој случај досегот со батериите со капацитет од 10,2 киловатчасови се смалува на околу 100 километри. Полнењето на батериите на обичен приклучок за струја од 220 волти трае три часови, што значи дека за еден ден може да се совладаат и до 300 километри, со пауза за полнење.
Ханс Едер, менаџер на Brammo за Европа, убеден е дека Empulse E ќе ги освојува мотоциклистите и со чувството што мотоциклот го нуди во возење: „Спојот на брзина и едвај чујна бучност од погонот е единствен и создава голема зависност.“ За тоа се грижи и шестстепениот менувач, којшто овозможува солидно повлекување при секоја брзина. Овој менувач е еден од новитетите на Brammo во сегментот на електричните возила. Цените на Brammo Empulse R ќе бидат објавени во следниот месец.
















