за

Brabus ја прикажа тјунираната верзија на класата C на Mercedes

Возачите на класата С на Mercedes се луѓе што златниот ланец го носат под кошулата. Ако и воопшто го носат. Затоа и не чуди тоа што тјунингот на Brabus не штрчи на улица.

Првите примероци од новата класа С на Mercedes штотуку пристигнаа кај сопствениците, а култната тјунерска работилница Brabus веќе го има подготвено првиот степен на тјунинг на моделот од средната класа. Експертите на фирмата од германскиот Ботроп овојпат решија да се откажат од препознатливот агресивен настап на нивните креации и за класата С подготвија само пакет спојлери, поголеми тркала и електроника за зголемување на моќноста.

Предниот спојлер е скроен со поспортски линии и му дава повпечатлив настап на моделот со сребрена ѕвезда. Дополнителна функција на предниот спојлер е да го намали притисокот под возилото и на тој начин да ја подобри стабилноста при повисока брзина. Во комплет со предниот спојлер оди и незабележливиот мини спојлер на задниот капак. Затоа пак, отстрана се забележуваат праговите, кои што се помасивни отколку кај стандардниот модел и исто така ја подобруваат аеродинамиката во подрачјето меѓу двете оски. По желба на купувачот, во праговите може да се вградат светлечки диоди за осветлување на пристапот во кабината. Оптичкиот настап го заокружува издувен систем со четири издувни цевки и бандажи во повеќе дизајни, со пречник од 18, 19 или 20 инчи.

Нарачателите на тјунираната класа С можат да изберат и неколку опции под хауата. Моментно се нуди кит за зголемување на моќноста на бензинецот C 200, кој што извлекува дополнителни 41 КС од моторот со стандардни 184 КС. Тоа е доволно за лимузината да забрза до 100 за седум секунди и да постигне крајна брзина од 242 km/h. Наскоро ќе се нудат пакети за зголемување на моќноста и за посилните моделски изведби.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla ја продолжува гаранцијата на осум години

Уникатниот BMW i8 се продаде за 825.000 долари во Пебл Бич