Најбрзиот и најсилен кабриолет со четири седишта во светот се повикува на името Brabus 850 6.0 Biturbo Cabrio. Моделот на база на Mercedes S-Class Cabrio располага со 850 КС и лимитиран е на 350 km/h.
Во случај Mercedes-AMG S 63 4Matic да се покаже недоволно моќен со своите 585 КС, помош пристига од тјунерот Brabus. Специјалистот за тјунирање Mercedes од германскиот Ботроп извлекува 850 КС при 4.500 вртежи и крајна брзина од 350 километри на час, со што нивниот Brabus 850 6.0 Biturbo Cabrio станува најбрз и најсилен кабриолет со четири седишта во светот.
Се разбира дека таков автомобил не може да доживее премиера каде било. Германците го претставија кабриолетот викендов во рамките на 24-часа Леман. Подеднакво е импресивен вртежниот момент од 1.450 њутнметри во подрачјето меѓу 2.500 и 4.500 вртежи. Заради сочувување на моторот, техничарите во Ботроп решија во вообичаените услови на возење да ја ограничат максималната вредност на вртежниот момент на „само“ 1.150 њутнметри.
Половина литар повеќе во верзијата на V8 на тјунерот Brabus
Осумцилиндарецот со битурбо натполнење се вградува во работилницата на Brabus во Ботроп, по темелната модификација на стандардниот мотор: Ковано коленасто вратило со подолги одови, проширени цилиндри, ковани клипови и клипници соодветно на сменетиот од и пречник на цилиндрите, што резултира со работна зафатнина зголемена од 5.461 на 5.912 сантиметри кубни. Двете глави на моторот исто така претрпеа темелна модификација.
Место стандардните турбокомпресори, во издувниот тракт работат специјални турбокомпресори на Brabus со поголем компресор и модифицирани издувни гранки. Издувниот систем завршува со специјални метални катализатори и издувни цевки со пречник од 75 милиметри. Специјалноста на Brabus, електронски регулираната придушница, се грижи моторот да рикне на сиот глас кога возачот ќе го побара тоа со притискање на контролното копче. Секако дека издувните гасови се водат низ спортски издувен систем од благороден челик изработен во Brabus. За соседите да не се вознемируваат кога кабриолетот на Brabus пристига дома, издувот поседува специјален режим „coming home“, кога звукот од издувот е потивок отколку во стандардниот модел.
За преносот на сила до сите четири тркала се грижи седумстепен автоматик, со мануелна контрола на воланот. Катапултирањето до сто трае 3,5 секунди, а следната стотка паѓа по само 9,4 секунди. Крајната брзина е ограничена електронски на 350 километри на час, единствено поради гумите.
[FAG id=24873]


















