Европската енергетска криза е сурова поука за ризиците при потпирање врз само еден извор на енергија. Во случајот на производителите на електрични возила, тоа се однесува на батериските ќелии. Тоа го изјави Маркус Хајн, директор за услуги за мобилност во Robert Bosch, во интервју за германскиот дневник Штутгартер Цајтунг.
„Во моментов ги гледаме последиците од недостигот од гас за Германија и Европа, поради тоа што имавме подготвено премалку алтернативни решенија, изјави Хајн, кој е воедно и член на управниот одбор на најголемиот добавувач за автомобилската индустрија.
„Во автомобилската индустрија, оваа ситуација треба да ја искористиме и да си поставиме прашање, што можеме да направиме доколку некогаш се појави недостиг од батериски ќелии.“
Во тој случај, менаџерот вели „секако дека секој би сакал да постои алтернатива за енергијата од батерии. Но, таа ќе постои единствено доколку таа се подготви кога уште има време за тоа“.
Неопходно е да се размислува за алтернативи, изјави Хајн за германскиот дневник. Тој ги спомнува горивните ќелии, што користат хемиска реакција меѓу водородот и кислородот, за да се произведе електрична енергија за задвижување на електромоторот. Мрежата од станици за водород што во моментов се развива за камиони за долги релации, погодна е како „скелет за снабдувањето на патничките автомобили (со водород)“, додава тој.
Bosch ќе вложи повеќе од 200 милиони евра во производство на модули на горивни ќелии во САД. За таа цел ќе биде проширена постоечката фабрика во Андерсон во Јужна Каролина, за во неа да започне производство на горивни ќелии. Почетокот на работата се планира за 2026 година, фабриката ќе отвори најмалку 350 нови работни места.
Батериите најмногу прават цената на електричните автомобили да биде повисока. Напредувањето со технологијата придонесе ефикасноста на батериите да се зголемува од година в година.
Тоа напредување, сепак подзапре, поради поскапувањето на материјалите. Со тоа се поместуваат и предвидувањата на производителите, дека електричните возила во блиска иднина ќе нудат слична заработка како возилата со мотор со внатрешно согорување.
Bosch е најголем добавувач на автомобилската индустрија во светски рамки, со реализација на продажба кон производителите на автомобили во висина од 49,1 милијарди долари во 2021 година.
Застојот во шведските рудници го забавува производството на батерии
















