за

Застојот во шведските рудници го забавува производството на батерии

Тешкотиите во рудниците во Шведска ги забавуваат плановите на ЕУ да ја зголеми продукцијата на батерии и да ја смали зависноста од Кина.

Volkswagen вложува 450 мио € во фабрика за батерии

Шведска располага со изобилство од минерални ресурси, вклучувајќи половина од 30-те суровини што ЕУ ги цени како клучни за исполнување на своите цели за масовно производство на батерии за електрични авотмобил.

Австралиската компанија Talga Group чека подолго од деценија за да почне со црпење графит од рудник во Шведска. Рудникот може да снабдува со ресурси што се доволни за производство на батерии за два милиони електрични автoмобили годишно. Тоа е една од мерките за намалување на зависноста на Европа од увозот од Кина. Откако конечно беше постигнат некаков напредок, компанијата сега се соочува со администрациски сопки. Австралијците ќе мора да чекаат до февруари и да се надеваат дека тогаш ќе добијат еколошка дозвола.

Менаџментот во Talga цени дека главниот проблем е во одолговлечувањето на постапката на добивање дозвола за работа. За црпењето графит ќе се користи исклучиво енергија од обновливи извори, со што анодите за батерии за електрични автомобили од овој рудник ќе се вбројуваат меѓу најзелените аноди во светот. Групацијата во меѓувреме продолжува да вложува во рудникот.

Пред две години, ЕУ даде посебно значење на рудните изобилства на Шведска, коишто вклучуваат половина од 30-те материјали што се клучни за Унијата да ги постигне целите за еколошка технологија, односно главно за сопствено производство на батерии за електрични автомобили. Со користење на сопствените ресурси, ЕУ планира да ја намали зависноста од увозот од Кина.

Шведска има повеќевековна традиција во црпењето на метални руди и водечки производител е на железна руда во Европа. Новите проекти сепак наидуваат на отпор, главно поради загриженоста дека се нарушува животната средина. Посебно се чувствуваат загрозени Лапонците на северот на земјата, чиешто опстојување се темели врз одгледувањето ирваси.

На југот на Шведска, подолго од една година се одвива борба за искористување на ретките минерали во Нора Кар, што се цени како најголемо наоѓалиште на руди од таков вид во Европа. Месното население стравува дека рудникот ќе ги уништи фармите и шумите, но исто така ќе го загади езерото Ватерн, коешто обезбедува питка вода за 300.000 жители.

Kатастрофи се имаат случувано. Во 2012 година истече јаловина од езерото во рудникот за никел Талвивара, во соседна Финска. Тоа предизвика отровно ниво на загаденост со метали и ураниум на соседните езера и реки. Шведска се соочи со една од своите најголеми еколошки катастрофи.

„Сите сакаме да возиме електрични автомобили, но не сакаме да копаме во нашиот двор. Тоа мора да се смени“

Индустријата, од друга страна, порачува дека загриженоста го попречува масивното преоѓање на технологии што ќе помогнат во спречувањето на климатските промени и зачувувањето на животната средина. Роберто Гарсија Мартинез, извршен директор на Eurobattery Minerals, објаснува: „Сите сакаме да возиме електрични автомобили, но не сакаме да копаме во нашиот двор. Тоа мора да се смени“.

Создавањето база од рудници на сопствена територија, коишто ќе ја снабдуваат транзицијата кон електричните возила, се одвива побавно во споредба со брзината со којашто шведскиот производител на батериски ќелии Northvolt го шири синџирот од добавувачи на суровини. Компанијата моментно набавува графит од Кина.

Европската Комисија цени дека побарувачката за литиум, којшто е основа за батериите, до крајот на деценијава ќе се зголеми 18-кратно. Исто и за потрошувачката на кобалт се предвидува петкратно зголемување.

Northvolt ја произведе првата европска батерија за електрични автомобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автосалони во Германија добиваат поевтина струја за полначите

Италијанска компанија го купи својот 1.000-ти Mercedes-Benz Actros