Технолошкиот концерн Bosch разви активен педал за гас којшто на возачите со оловна нога им помага да заштедат гориво. Но, педалот се наоѓа и во други ситуации.
Инженерите внимаваат и на најситниот детал при развојот на бензинските и дизел моторите, со цел да ја намалат потрошувачката на гориво и емисијата на СО2. Но, ниту најдобрата технологија не помага ако возачот не соработува – или не може да соработува, затоа што има „оловна“ нога врз педалот за гас. Бројни испитувања имаат покажано дека начинот на возење може да придонесе потрошувачката да се намали за чевртина. За развивање на оваа вештина, некои посетуваат курсеви за штедливо возење, а некои едноставно имаат развиена моторика. Технолошкиот концерн Bosch претстави решение коешто му помага на возачот.
Активниот педал за гас тропа, вибрира или создава поголем отпор, за на тој начин да влијае врз начинот на возење. Со помош на оваа повратна спрега, потрошувачката на гориво може да се намали до 7 проценти, веруваат во Bosch. За сето тоа да се овозможи, педалот е поврзан со сите други функции во автомобилот, како со менувачот, системите за асистенција или навигацијата. Според Bosch, педалот ја покажува точката каде што се спојуваат забрзувањето и штедливоста. Ако возачот и покрај тоа сака да даде повеќе гас, доволно е малку посилно да притисне врз педалот. Во моментов, оваа функција кај повеќето автомобили ја врши стрелката што препорачува кога да се смени степенот на пренос.

Во Bosch веруваат и дека нивниот иновативен педал за гас може да придонесе за поголема безбедност. Кога интелигентната електроника во возилото ќе препознае опасност од судир, педалот почнува да вибрира и на тој начин го предупредува возачот да го отпушти педалот. Работата на педалот може да се поврзе и со податоци што пристигаат преку мрежата или со сообраќајни информации во реално време. Во тој случај, педалот за гас може да го предупреди возачот дека вози пребрзо пред свијокот или наидува на застој на патот.
Единственото прашање е колку возачот може да ги прими овие дополнителни информации од педалот за гас, покрај мноштвото визуелни или акустични сигнали во возењето. Bosch наведува дека оваа интеракција меѓу возилото и возачот предизвикува интуитивна реакција, за полесно да се совладаат опасните ситуации во возењето.
















