за

Освежување кај BMW: Сите работи почнуваат од 1

BMW serija 1 promocija Sindikat 00001
BMW serija 1 promocija Sindikat 00001

Серијата 1 на BMW кај нас има солидна база на сопственици на моделите од претходните генерации. Новиот модел настапува со многу повпечатлив дизајн, нуди повеќе простор и комфор, дијапазонот на моќност се движи од 116 до 306 КС во BMW M135i xDrive.

Компактот на BMW остави зад себе долга историја пред да стане серија 1. Моделот во почетокот беше дел од серијата 3, кога се појави токму со додатокот Compact во името, во 1994 година, во тогашната генерација Е36. Баварците комбинираа техника од актуелниот модел, со модифицирана задна оска и арматурна табла од претходникот, од E30. Тоа беше стратегијата што на BMW требаше да му обезбеди влез во една класа подолу, меѓу компактите.

Потребен беше само уште еден чекор до конечното појавување на првиот модел од серијата 1, а тој чекор не можеше да се погоди повеќе. Во компактот“ од генерацијата E46 првпат проработеа моторите со техника Valvetronic, прочуени по директната реакција, поради тоа што моторите во 316/318ti не поседуваа класична придушница во вшмукувачкиот тракт.

Третата генерација на серијата 1 на BMW имаше неформална, но мошне забележана премиера на домашната автомобилска сцена, минатиов викенд во популарниот скопски локал „Синдикат“
New photo by Automedia MK / Google Photos

Серијата 1 од првата генерација од 2004 година постигна солиден успех и на нашиот пазар. Во 2011 година се појави моделот од втората генерација, а од минатиов викенд, на македониот пазар официјално стартува и третото колено од компактот на BMW. „Мала“ разлика во споредба со претходниците: Новата серија 1 на BMW првпат вози со преден погон. Поточно, само три моделски изведби ги пренесуваат њутнметрите на предната оска, додека двете најсилни моделски изведби стандардно доаѓаат со погон на сите тркала xDrive.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со преоѓањето на погон напред се „изгубија“ триесетина килограми, се олесни пристапот на задната клупа и има повеќе простор поради отсуството на кардански тунел, а порасна и багажникот за 20 литри. Притоа, новата „единица“ е за половина сантиметар покуса од претходничката. Затоа ширината порасна за 3,4 сантиметри, на точно 1,8 метар, додека висината се зголеми за 1,3 сантиметар, на 1,43 метар. Меѓуоскиното растојание од 2,67 метри е за два сантиметри покусо отколку во втората генерација на моделот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дизајнот става нагласок на хоризонталните линии, почнувајќи од бубрезите кои се значително поголеми. Отстрана се забележува клинеста форма со ниски прозорци, додека задните дводелни светла исто така ставаат нагласок на ширината на каросеријата. Основниот модел вози со бандажи од 16 инчи, списокот на опции продолжува до 19 инчи.

Познатата и често користената фраза „The One and Only“ добива нова посебна смисла кај серијата 1 на BMW

Кокпитот традиционално е подзавртен кон возачот. Првпат во BMW се вградуваат украсни лајсни со заднинско осветлување, достапни како опција. Премиера во моделската серија има и проекцискиот дисплеј, заедно со средишниот дисплеј од десет инчи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

BMW нуди четири линии на опрема: Основна Advantage, Luxury со кожен ентериер, Sport со посебна графика на прозорците и украсни црни облоги во кокпитот, и M Sport, како преод до топ-моделот M135i, со посебна изведба на предниот и задниот браник.

Моделската понуда почнува со BMW 1181 со 1,5-литарски турбо-трицилиндарец со 140 КС, потоа следат двата дволитарски дизели 116d и 118d, соодветно со 116 и 150 КС, топ-дизел е 120d со 190 КС и стандардно со xDrive, додека круна на целата моделска гама е M135i со дволитарски бензинец со 306 КС, исто така со погон на сите тркала.

Списокот на дополнителна опрема нуди електричен заден капак, пристап и старт преку мобилен телефон, како и напреден систем за говорни команди. М Кар направи и единствена понуда со гратис опрема, како The 1 Edition.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

peugeot motorcycles mahindra

Индиска Mahindra стана целосен сопственик на Peugeot Motocycles

BLOODHOUND LSR Charlie Sperring 1

Bloodhound постигна 537 km/h, тоа беше само за загревање