BMW вчитува нов софтвер во автомобилите – преку телефон

BMW вчитува нов софтвер во автомобилите – преку телефон
BMW вчитува нов софтвер во автомобилите – преку телефон

BMW веќе две години ја нуди можноста за вчитување нов софтвер во новите генерации модели преку паметен телефон. Оваа можност во меѓувреме доживеа големо унапредување. За 20 минути, со најновото софтверско освежување се добиваат и целосно нови функции во возилото. Во иднина, дури и греењето во седиштата ќе може да се добие со претплата за одреден период, на пример во текот на зимата.

BMW подготви големо освежување за софтверот во своите најнови модели, со којшто возачите добиваат голем број нови или подобрени функции во возилото. Со промените во софтверот, автомобилот подобро ги разбира говорните команди, картите на навигацијата добиваат мноштво нови информации, а има и функции што овозможуваат користење на „хардверот“ што веќе е вграден во возилото, но истиот е неактивен.

Новините се однесуваат на возила со оперативен систем 7.0. Соодветните модели го добиваат новиот навигациски сервис BMW Maps. Станува збор за систем што користи врска со податочен облак, со цел да се постигне подобро водење до целта и воедно да се подобри ракувањето. Се читаат и податоци од сите останати возила на BMW со соодветен систем, за на тој начин поелсно да се најде паркинг на одредиштето. Може да се добијат дури и слики од паркиралиштата.

Минхен го нуди „паметниот личен асистент“ во голем број модели. Со новиот софтвер, системот сега прави поголема разлика дали во моментот му зборува возачот или совозачот и соодветно го менува дисплејот. Во иднина, преку говорни команди ќе може да се вклучува и греењето во седиштата или да се избира програма за возење.

Кога вози по секојдневна рута, сопственикот може да направи, на пример, неговиот BMW автоматски да ги затвори прозорците пред влезот во подземна гаража, каде што возилото ќе се паркира

Преку BMW Connected Drive Store, возачите можат да добијат нови функции во постоечкото возило, кои се активираат откако ќе се плати за нив. Таква можност веќе постои, на пример, активен темпомат ACC со самостојно запирање и поаѓање, па дури може и отпосле да се вчита софтвер за приспособлива работа на спортското подвозје.

Станува збор за своевидна револуција во дополнителната опрема и во услугите. На BMW повеќе му се исплатува да го вгради „хардверот“ во сите возила, за неговото користење понатаму да се овозможи откако ќе се плати за софтверот, односно за активирање на системот. Системот ќе го следат и останатите производители, BMW како премиум марка прв прави чекор и во тој правец. Оваа можност за доплата за одредени функции ќе им биде достапна и на следните сопственици на возилото.

Дури постои и можност, за користењето на некоја функција да се избере претплата за одреден период, на пример за греење на седиштата да се плаќа само три месеци во годината. Нема можност еднаш да се плати за одредена функција и таа да остане трајно.

Корисниците на iPhone веќе со години можат својот телефон безжично да го поврзат со својот BMW и телефонот да го „пресликаат“ во возилото. Оваа можност досега беше недостапна за корисниците на Android. Со новиот софтвер е надмината оваа неправедност.

Соодветните модели со плагин-хибриден погон во иднина ќе се префрлуваат автоматски на погон на батерија, кога автомобилот се вози во град, со цел да се спречи непотребната емисија на штетни материи. Тоа е предвидено со функцијата „BMW eDrive Zone“, којашто во почетокот е подршана во 80 градови во Европа и ќе се шири. Системот ги користи GPS-податоците. За возачите да ги мотивира за користење на оваа функција, BMW ќе нуди премии при поминување одредена километража со погон на струја.

BMW го претвора iPhone во дигитален клуч за возилото

Kорисниците на Android можеа својот телефон да го употребуваат како клуч за возилото, со помош на NFC. Оваа функција сега е достапна и за Apple. Првиот модел што ја поседува оваа можност е новата серија 5. Понатаму ќе следат и други модели со можност iPhone да се користи како клуч. Хардверот за NFC што е потребен за дигитален клуч е достапен за возила што се произведени од јули годинава.

Новиот софтвер за инфо-забавниот систем се вчитува на два начини. Едниот е директно over-the-air, другиот е преку телефонот и преку BMW Connected App. Во двата случаи, вчитувањето трае 20 минути, но услов е автомобилот да мирува за тоа време. Софтверот од месецов ќе се вчитува во сите возила со оперативен систем 7.0.

Тест: BMW 218i Gran Coupe

Претходна објаваAudi e-tron добива помал брат: Q4 ќе биде и Sportback
Следна објаваMercedes за половина година продал над милион патнички возила

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here