за

BMW M6 Gran Coupe: Тркачка машина маскирана во семејна лимузина

Спортското одделение на BMW продаде 27.000 возила лани, што е раст од 40 проценти. Нормална реакција е тоа што M GmbH не престанува да работи на нови членови во моделското семејство. Последен е BMW М6 Gran Coupe.

Врвниот модел на M GmbH спојува повеќе автомобилски концепти во еден. M6 Gran Coupe нуди перформанси на спортски автомобил, простор за четири патници и нивно луксузно сместување во кабината и впечатлив стил на купе во лимузина со четири врати. Осумцилиндарецот со Twinpower-Turbo ослободува 560 КС и ја забрзува купе-лимузината тешка два тона за 4,2 секунди до темпо 100. Ако се доплати за пакетот М Возач, болидот ќе постигнува ниско летање со брзина од 305 километри на час.

Возачот добива многу работа во купе лимузината M6. Покрај тоа што треба да ги држи под контрола 560-те коњски сили, возачот треба да избере во кој модус ќе работи контролата на стабилноста, колку остро ќе реагира моторот, колку тврдо ќе работат амортизерите, колку чувствително ќе реагира сервоуправувањето и колку брзо ќе се менуваат степените во менувачот со двојна спојка. Откако ќе заврши сето ова дотерување, истото може да се меморира и да се повика преку две копчиња на воланот.

Купе лимузината не остава простор за двоумење дали станува збор за модел од семејството М. Напред зеваат големи отвори за воздух, отстрана трепкаат диоди во светлата, а бубрезите како заштитен знак во маската на BMW се уште повпечатливи. Во споредба со купето М6, лимузината има за 113 милиметри подолго меѓуоскино растојание. Спортската појава ја нагласуваат жабрите во предните крила и бандажите од 20 инчи со посебен дизајн.

Внатрешноста повеќе оддава благороден карактер, со скапи материјали и педантна изработка, што придонесува сите сетила да уживаат подеднакво. Кожените облоги на седиштата се во сериската опременост, исто како и грејачите во нив, радиото со навигација и проекцискиот дисплеј во ветробранот. Кој има уште простор за игра по плаќањето на 130.000 евра за возилото, може да избира речиси неограничен број ставки на списокот на дополнителна опрема, за М6 Gran Cоupe да добие уште поубедлив личен печат на сопственикот. Композитни сопирачки, на пример, чинат уште 9.000 евра…

[nggallery id=29]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Луксембург има најмногу возила по жител

Mercedes кани на возачки тренинг