Во BMW се чини дека е време моќноста да се изразува во нова мера – ККС. Серијата M4 GTS изработена во чест на триесетгодишнината на M3 располага со 0,5 ККС и го вози Нирбургринг за 7:28 минути.
Посебно за одбележување на триесетгодишнината од претставувањето на првиот M3 во 1986 година, BMW изработи серија од актуелниот модел ограничена на 700 примероци, којашто со своите 500 КС и специјалниот третман од M GmbH секако дека се чувствува најдобро на тркачка патека. Баварците со BMW M4 GTS измерија време од 7:28 минути на 22-километаркиот курс на Нирбургринг. За ова достигнување, техничарите на BMW применија специјален трик.

BMW M4 GTS е прва тркачка серија изведена од новата генерација на M3/M4 и за првпат ќе биде достапна и на пазарот во САД. Во таа чест, Франк ван Мел, директор на спортското одделение BMW M GmbH подготви долг говор: „Специјалните модели како BMW M3 GT, BMW M3 CSL, BMW M3 GTS или BMW M3 CRT, а отсега и BMW M4 GTS, имаат децениска традиција во нашата средна класа. Тие го јакнат карактерот на марката BMW M и симболизираат високоемотивно и ексклузивно возачко искуство. BMW M4 GTS го развивме како радикална спортска машина за тркачка патека, за врвна динамика во возењето и одушевувачки перформанси. Со него докажуваме што може да се постигне денес кај возило што е дозволено за јавен сообраќај. BMW M4 GTS овозможува со него да се допатува до тркачките патеки, како Спа Франкоршамп, Нирбургринг или Лагуна Сека, за таму да се извозат најдобри времиња на круг.“
Новата техничка занимација на BMW се вика впрскување вода
Во GTS работи шестцилиндарскиот турбо од 3,0 литри, кој постигнува значително повисока моќност со помош на иновативното впрскување вода. Овој систем, веќе користен во безбедносниот автомобил во MotoGP, ја зголемува моќноста на 500 КС, а вртежниот момент се качува на 600 њутнметри. Притоа, нормираната потрошувачка од 8,3 литри не отстапува од стандардниот M4 Coupe. Забрзувањето до 100 километри на час на овој најбрз, најрадикален и најдинамичен модел во серијата M3/M4 изнесува 3,8 секунди, додека крајната брзина е ограничена електронски на 305 km/h.

Инженерите на BMW M го применија стандардниот третман на „олеснување“ на возилото од сите непотребни работи и постигнаа тежина на празно возило од 1.510 килограми, односно тежински сооднос од 3,0 килограми на коњска сила. Олеснувањето е применето и во каросеријата и во ентериерот. Школкастите седишта се од карбон, средишната конзола е со лесна конструкција, исто како и облогата во задниот дел од кабината и преградниот ѕид со багажникот, облогите на вратите и на кабината се само провизорни, со јамка место рачки за вратите. Има и многу детали што не се забележуваат, како носачот на арматурната табла изработен од карбон.
Хаубата има модифицирана форма и исто како покривот, задниот капак и приспособливиот преден сплитер се изработени од карбон. Лесниот материјал се користи и за приспособливиот заден спојлер, кој се држи на алуминиумски носачи. Не е изоставен ниту издувот. Придушувачкиот лонец е изработен од легура на титаниум и полесен е за 20 проценти.
Комплетна подготовка за максимални перформанси

“Менувачот стандардно е 7-степен со двојна спојка и со команди зад воланот. Специјалните програми Drivelogic и Launch Control се модифицирани за повисоката моќност. Бандажите се во ексклузивна изведба 666 М Styling, во портокалова боја, ковани и полирани до висок сјај, со пневматици Michelin Pilot Sport Cup 2 што се посебно изведени за GTS и имаат димензија 265/35 R19 напред, односно 285/30 R20 назад. Навојното подвозје со три степени е модифицирано, со можност за приспособување според профилот на различните патеки. За уживањето да не заврши предвреме се грижат карбон-керамички сопирачки, со чисто дефинирана точка на контакт и со екстремна отпорност на ослабнување при прегревање.
Ексклузивно со техника на осветлување со органски диоди
Предните светла комбинираат диодна техника со автоматика за долго светло и следење на свијоците. Задните светла исто така се впечатливи, и тоа не е случајно. M4 GTS е прв сериски автомобил во светот што користи органски диоди, со рамномерно осветлување по целата површина, за разлика од „точкестото“ осветлување кај обичните диоди. Дебелината на светлечките елементи изнесува само 1,4 милиметар, што им отвора многу поголема слобода на дизајнерите и техничарите, како во поглед на светлосните ефекти, така и во поглед на големината на просторот за вградување.
Пакетот за трка Clubsport останува како опција. Тој се состои од заштитен кафез, безбедносни ремени со 6 точки и противпожарен апарат. Доплатата не е на одмет. За секој случај, GTS сепак е најдобар на тркачка патека. Покрај цената од 142.600 евра или двојно повеќе од стандардниот M4, тоа и не е голема стапка. Премиерата е на салонот во Токио, на крајот на октомври.
















