за

BMW M2 CS со уште еден степен на ракетно полнење

BMW M2 CS
BMW M2 CS

Тоа што баварците досега го изведуваа кај BMW M3 CS и M4 CS, сега е првпат достапно и во модел од компактната класа, во M2 со додатокот од двете букви што им значат многу на автомобилистите.

BMW додава уште еден степен на ракетно полнење во својот M2, кој наидува на огромни симпатии, како основен „М“ и како верно продолжение на идеологијата што своевремено ја постави првиот M3. Новиот BMW M2 CS е уште еден степен над M2 Competition и воедно е основа за тркачката изведба M2 CS Racing, што ќе се појави на стартната линија в година.

Разлики во изгледот со „Competition“ се препознаваат во формата на хаубата, во покривот што првпат кај M2 е целосно изработен од карбонпластика, во предниот сплитер, во малиот спојлер на задниот капак и во задниот дифузор – сите компоненти се изработени од карбон.

New item by Automedia MK / Google Photos

Доменот на M2 CS се забрзувањето, возната динамика, прецизноста и агилноста во возењето. Во исто време, покрај овие вредности што се ценат на тркачка патека, компактното купе е применливо и во секојдневието. BMW ексклузивно го лакира моделот во мизано-сина металик боја. Тоа е само уште еден „детал“ што влегува во почетната цена од 95.000 евра во Германија.

BMW M2 CS со моќност зголемена на 450 КС и приспособливо M-подвозје

Моќноста на 3,0-литарскиот шестцилиндарец со двојно турбонатполнење е зголемена за 40 КС во споредба со M2 Competition, на 450 КС. За оваа моќност верно да се пренесе на подлогата се грижи приспособливо спортско подвозје, што досега се нудеше само за BMW M4, заедно со Cup-пневматици. Возачот може да избира комфорен, спортски и спортски+ режим на работа на амортизацијата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Спортските сопирачки, секако со печат на M GmbH, следуваат стандардно, со сопирачки клешти во црвена боја. Дисковите напред имаат пречник од 400 mm, назад од 380 mm, што е уште повеќе од Compound-сопирачките кај M2 Competition. Предните сопирачки клешти поседуваат шест клипови, задните четири. Со доплата се нудат BMW M карбон-керамички сопирачки, кои се уште полесни и го смалуваат ефектот на таканаречените небалансирани маси, а дополнително имаат и поголема термичка стабилност и поголема ефикасност за услови на возење на трка.

M2 CS е практично автомобил подготвен за трка – од мајстори што знаат како се подготвува автомобил за трка

За прецизната управливост се грижат и попречната шипка во кошот на моторот, како и посебно дотераната и чувствителна контрола на стабилност, што меѓу другото се грижи за тракцијата и во услови на „дрифт“. Притоа помага и активниот М-диференцијал, односно блокадата со електронски регулирани ламели, којашто се одликува со врвна прецизност и брзина.

New item by Automedia MK / Google Photos

Омилена „играчка“ на спортските возачи ќе биде програмата M Dynamic Mode (MDM), како опција на DSC, која дозволува поголемо пролизгување, провоцирање подуправување и надуправување, а со тоа и дрифт.

Бандажите од 19 инчи се ковани, со краци во форма на Y и во сјајна црна боја, а по желба и во мат златен тон. Предните бандажи со ширина од 9 инчи тежат само 9 килограми, задните еден килограм повеќе. Гумите Michelin Pilot Sport Cup 2се посебно изработени за M2 CS, со димензија 245/35 ZR 19 напред и 265/35 ZR 19 назад. По избор, фабрички се монтираат Michelin Pilot Super Sport, кои имаат повеќе „профил“ за возење по дожд.

New item by Automedia MK / Google Photos

Со опционален 7-степен менувач со двојна спојка, стандардниот спринт трае 4,0 секунди. BMW M2 CS е прв модел со обврзувачката ознака што е достапен со 6-степен мануелен менувач, а тоа воедно одговара совршено за кругот на купувачи на моделот. Со овој менувач, спринтот се одолжува за две десетинки. Крајната брзина е ограничена на 280 km/h, со тоа што M Driver’s Package тука следи стандардно.

Издувот е двоен и се разликува од M2 Competition и во звукот, завршувајќи со типичните четири издувни цевки. Два електрични преклопници се грижат за типичниот звук на BMW M – на копче.

Внатрешноста е уште едно врвно достигнување, со комбинација од ексклузивност и спортска пречистеност од вишок детали. Конзолата е целосно изработена од карбон, седиштата се од BMW M4 CS. Со доплата се вградува М-спортски волан, обложен со алкантара и со црвена ознака за „12 часот“.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

https://www.instagram.com/p/B4hKeKGnocb/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla-Model-S-auto motor und sport

Tesla Model S го извозе Нирбургринг за 7:13 минути и си замина

vespa electrica 70

Vespa Elettrica сега вози 70 km/h брзо и 70 km далеку