BMW ве „снима“ како возите, каде возите и на кого се јавувате

Германскиот магазин auto motor und sport ги објави резултатите од студијата на FIA, кои откриваат дека автомобилите не само што запишуваат податоци од возењето, туку и без знаење на возачот испраќаат податоци до производителот.

Студија на светската автомобилска асоцијација FIA открива дека електрониката во возилата не само што регистрира и меморира голем број податоци за возењето и за корисникот, туку истите тие податоци ги испраќа и до производителот, којшто потоа сосема легално располага со добиените податоци. Германскиот магазин auto motor und sport располага ексклузивно со резултатите од студијата и објави дел од нив на својот интернет портал.

Инженерите на FIA по принцип на случаен избор испитале како функционира меморирањето на податоците во возилата на BMW, конкретно во серијата 3 и во електричниот автомобил i3. „Резулатите се изненадувачки. Возилото меморира голем дел од стилот на возење, вклучувајќи го максималниот број на вртежи на моторот при одредена километража, бројот на затегања на безбедносните ремени при остро запирање или избрањето на возните модуси ‘спорт’ и ‘комфор’. На тој начин, BMW може детално да го анализира стилот на возење на секој возач,“ пишува магазинот.

Но, тоа не е сé. Се запишуваат и должината на секоја извозена релација, последните одредишта на системот за навигација, како и сите податоци коишто ги остава мобилен телефон поврзан преку блутут. Тука спаѓаат именикот, адресите, телефонските броеви, електронската пошта, па дури и фотографии од контактите.

Моделите на BMW располагаат со меморија за судир, која што ги регистрира забрзувањето, брзината, како и положбата на педалите за гас и сопирање пред активирањето на воздушните перници. Кај BMW i3, меморијата дополнително знае и каде возилото било паркирано последен пат.

Асоцијацијата се сомнева дека и останатите производители собираат податоци на сличен начин и ќе ги проверува и нивните возила.

Претходна објаваКина се бори со „топови“ против отровната загаденост на воздухот
Следна објаваРим воведува режим на возење пар-непар поради загаденоста на воздухот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here