за

Во културна тура по автопатот со Opel Astra

Нашите автопатишта се оптоварени малку, но квалитетно. Квалитетно лошо, небезбедно и честопати вознемирувачки. Како вистински изгледа возењето по автопат кај нас?

Јурењето по автопатот како по тркачка патека можеби не се случува толку зачестено како до пред половина деценија, главно поради зголеменото присуство на полицијата, меѓутоа остануваат бројни неправилности, што возењето по автопатот неретко го претвораат во непријатно искуство. Сепак станува збор за кралицата на сообраќајот, за највисокото скалило на култура на возење. Затоа овој проект го нарековме „Културна тура“, а главна во проектот секако дека е новата Opel Astra, во врвното ниво Ultimate.

Главниот проблем за погрешното однесување што владее општо по автопатот, се чини дека е отсуството на свест кај некои возачи, за видот на патот по којшто сообраќаат во моментот. По автопат не може да се вози со навиките стекнати во градското секојдневие. Токму тоа е најчестиот случај на несоодветно возачко однесување, кога возачот по престигнување прерано се престројува во средната лента.

Ако барем една должина на автомобил е доволна за престројување кога се вози во град, на автопат мора да се внимава на неопходноста, враќањето во средната лента по престигнувањето да се направи барем на растојание од дваесетина метри пред возилото што се наоѓа во средната лента. Во прирачниците дури и не се наведува таков пример, туку единствено се спомнува дека треба да се внимава растојанието да биде безбедно.

Очигледно е дека голем број возачи ја завршуваат автошколата, без да бидат доволно обучени и оспособени за возењето по автопат. Условите се сосем различни, градското возење е една категорија, возењето по автопат е друга категорија. Имајќи предвид дека обемот на прометот по автопатот во последните години е зголемен нагло, мора соодветно да се реагира во обуката, па и полицијата треба превентивно да запира возила. Имајќи предвид, колку е често неправилното престројување, казните во овие услови би довеле повеќе до револт. Предолго време не се реагирало за тоа.

Секако дека постојат и бројни случаи, кога возач што престигнува намерно го „сече“ патот, искажувајќи недоветни намери, сакајќи да си докаже себеси дека или е подобар возач или „колата му е многу јака“. Полицијата мора да ги санкционира таквите случаи. Патролата во необележано возило, мора да биде почеста и вообичаена, за овие изживувања да се потиснат од секојдневието по автопатот.

Претпазливоста дека може да има контрола на автопатот, доведе до друга лоша навика

Од друга страна, свеста кај возачите, дека е поголема веројатноста да има полициска контрола на патот, доведе до друга појава, што нашиот народ ја сместува во категоријата на „сељачко“ однесување. Тоа е сосем извесно дека Ви се има случено на автопат. Нормално и релаксирано возите со темпо 120 во средната лента, возило Ве престигнува со одвај два километри на час побрзо, и се бутка на два метри пред Вашето возило, за потоа и тој да вози со истото темпо како Вас.

Тест · Opel Astra Ultimate 1.5 Diesel: Родена под среќна ѕвезда

Тоа е многу чест случај. Психолозите имаат подобро објаснување, но може и искуствено, „од улица“, да се претпостави што сака да постигне тој другиот возач. Обично станува збор за фамозните лимузини на германските директори од пред завршетокот на минатиот милениум. Бидејќи тоа се возила од „јаки марки“, нивните возачи веројатно ценат дека треба да бидат први на патот, дека тоа право едноставно им припаѓа. Причината зошто по буткањето продолжуваат со истото темпо како Вашето, тоа е јасно, претпазливи се оти полицијата ќе ги улови на радар. Крајно недолично. Можно е тоа да биде и провокација за тркање, меѓутоа ова е 21-ви век, нештата во сообраќајот и во автомобилизмот одамна се сменети наспроти навиките од 1990-те години.

Возењето по авпопат треба првенствено да биде пријатно и релаксирачко искуство, со висока безбедност

Во видеото е прикажана цела серија примери на неправилно однесување, па и по некој случај на возач што беспрекорно си го почитува возењето по автопат. Тоа треба да биде уживање, за возачот и за патниците, и мора да се внимава на безбедноста. Брзина од 120 километри на час не е толку наивна. Полицијата најдобро да ги собере „брзите возачи“ во една поучна тура, и од безбедно место покрај патот да ги поучи со огледен пример, како изгледа кога отстрана се гледа кога возило се движи со дозволеното темпо.

Уживањето во возењето, и покрај сите сцени што ги улови нашата камера, сепак беше дел од оваа тура. Тоа секако се должи на Opel Astra Ultimate. Во врвното ниво на опременост – привремено врвно ниво, додека пристигне хибридната изведба GSe, со уште посилен спортски нагласок и 225 КС – Astra делува како да е автомобил најмалку од една класа погоре.

Осумстепениот менувач прави возењето со темпо на автопат да се одвива со одвај 1.900 вртежи, што од една страна е добро за комфорот, од друга за штедливоста. Вредност со четворка пред запирката одамна не е изненадување во новата Astra. Компактот од Риселсхајм повторно убеди во комфорното и тивко подвозје, но и во способноста истото тоа подвозје да покаже динамичен карактер. Моторот е доволно моќен и одамна никој не прави „драма“ за 130-те коњски сили. Тоа е практично стандард во целата бранша. Кој бара уште еден степен на моќност, браншата денес нуди хибриден погон, поточно приклучен хибриден погон. Но, тоа е веќе друга тема.

Еуроимпекс ја почнува понудата за Opel Astra од 22.300 евра

Гамата на Opel Astra на македонскиот пазар почнува од акциски 22.300 евра, со 1,2 литарски бензинец со 110 КС. Опременоста е примерна уште во старт, со дигитални инструменти и голем средишен дисплеј, двата со пречник од 10 инчи, но и со електрична паркирна сопирачка и автоматика за светлата и бришачите.

Во видеото секако не можеше да бидат снимени ситуации што се вообичаени за „нередот“ по автопатот, меѓутоа веруваме дека повеќето ситуации се опфатени во истото. Вашите коментари на објавите на турата на каналите на Аутомедиа на друштвените канали секога се добредојдени.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Не е BMW Isetta, туку е Microlino и вози на струја

Чешкиот премиер ја посети идната фабрика на Škoda во Виетнам