Почнува продажбата на Microlino, малечок градски автомобил со електричен погон, дело на швајцарската компанија Micro. По пример на легендарната BMW Isetta од 1950-те години, единствениот пристап внатре е преку челната врата што се отвора странично. На луѓето им се допаѓа овој необичен, но во градското секојдневие сосем применлив четирицикл.
Продажбата на швајцарскиот Microlino почнува со специјалната серија Pioneer, што ќе се изработи во 999 примероци и чини 22.690 евра. Тоа е ексклузивна серија, па соодветно прати и цената. Основната изведба Urban чини 17.990 евра, но таа ќе биде достапна за испорака дури во последниот квартал од 2023 година. Во тековниот квартал, покрај ексклузивната серија Pioneer, достапни се изведбите Dolce за 19.990 евра и Competizione за 21.990 евра.
Станува збор за лесно возило со електричен погон, што припаѓа во класата L7e и наменето е посебно за градско возење. Со крајната брзина од 90 километри на час, Mircolino може да се вклучи и на автопат, а досегот до 230 километри е доволен и за излети што се подалеку од градот.
Со две седишта и багажник од 230 литри, во тешкиот квадрицикл – тоа е описното име на категоријата во којашто припаѓа возилото – има доволно место и за големата неделна набавка во супермаркет, и за излети.

Тоа што се покажува како најголема предност на возилото, секако дека се димензиите. Со должина од 2,52 метри и ширина од 1,47 метар, швајцарскиот микромобил е лесен и за возење, и уште полесен за паркирање, посебно за наоѓање место. И најголемата „драма“ е во следното: Бидејќи од возилото се излегува преку големата врата на челото на возилото, тоа може да се паркира попречно и да се излезе директно на тротоарот.
Може да се избира меѓу три големини на батерија. Основната изведба со капацитет од 6 kWh дозволува досег до 91 километар. Со средната верзија со батерија од 10,5 kWh може да се вози до 177 километри, додека со врвната и соодветно најскапа изведба, со капацитет од 14 kWh, може да се смета на автономија до 230 километри.

Серијата со којашто се одбележува почетокот на продажбата на Microlino и којшто природно е замислена да ги награди купувачите што први го избрале електричниот четирицикл, располага со мошне богата опременост. Диодна техника за средно и долго светло, голем средишен дисплеј, дигитални инструменти и сончев покрив.
Тоа што изгледа како црна кожа и превртена кожа, реално е „веганска“ кожа. На тркалата од 13 инчи се поставени гуми со намален отпор при тркалање.
Иако станува збор за четирицикл, Microlino е развиван со пристап како за автомобил. Тоа е првото лесно возило што располага со самоносечка каросерија, изработена од челик и алуминиум. Тоа е многу побезбедно и потрајно решение од кафезите од челични цевки, што се користат кај останатите возила во оваа класа.
Алуминиумот помага тежината да се одржи во разумни граници. Без батеријата, Microlino тежи 435 килограми. За споредба, „фиќо“ тежи над 600 килограми.
View this post on Instagram
Изработката на возилата се врши во Торино, во соработка со италијанската компанија за изработка по налог Cecomp. Малечкиот автомобил со голем имиџ што го презема од BMW Isetta, веќе извесно време се продава во Швајцарија. Останатите пазари ширум Европа стартуваат пролетва, вклучувајќи ја и Грција. Соседите планираат да организираат возен парк во Атина, што ќе биде достапен за изнајмување.

Продажбата се врши исклучливо по агенциски модел, така што кој се смета дека е доволно способен и моќен да ги понуди и во Македонија, на располагање му стои контакт-формата на вебсајтот на Microlino.
















