за

Фатени без вињета во Австрија: Најчестите изговори на возачите

Вињетата е сонот на македонските возачки и возачи. Во Австрија, пак, наплатата на патарина преку вињета функционира беспрекорно. Но, не секогаш.

Тоа е слично како човек кога се обидува да измисли фантастичен изговор додека полицијата веќе му пишува казна за брзо возење или непропуштање пешак. Секако дека и неплаќањето патарина претставува прекршок, односно избегнувањето да се купи вињета, којашто е совршен начин за регулирање на таа ставка и којашто се применува во главнината од европските држави. Полицијата во Австрија води и таква статистика: Најчести изговори на возачите фатени без вињета.

Возачите во Западна Европа се исто толку креативни во осмислувањето изговор како што сме ние возачите од Југот. „Кучето ја изеде налепницата“, или „вињетата е во чантата на жена ми“, но и „не е мој автомобилот“ или „децата си играа и ја искинаа“. Забележани се и изговори од типот на „вињетата ја залепив како подарок на шише вино“. Полициските службеници одамна имаат отрпнато на духовитоста на овие изговори. Системот со вињета е воведен во алпската држава уште во 1997 година.

Во минатата година, по автопатиштата во Австрија биле фатени 264.200 возачки и возачи без вињета. Во 2021 година, биле забележани дури 80.100 деликти помалку. Причината за ова зголемување е во тоа што попуштија стегите околу пандемијата, па се зголеми и прометот.

Казните не се толку наивни, висината на казнената вињета за автомобилите се движи до 120 евра, додека казната за мотоцикли изнесува 65 евра. Доколку не се плати казнената вињета, следи поднесување пријава до општинските власти. Судот потоа може да изрече казна во висина до 3.000 евра.

Топ 10 изговори што ги има регистрирано австриската полиција:

  • Не знаев дека постои обврска за вињета во Австрија.
  • Не знам каде може да се купи вињета.
  • Навигацијата погрешно ме одведе на автопатот.
  • Многу е тешко вињета за 10 денови да се одлепи од ветробранот.
  • Морам итно во болница.
  • Не најдов продавница.
  • Не ми дадоа вињета во продавницата.
  • Не забележав дека има знак за обврска за вињета.
  • Не е мој автомобилот.
  • Платив специјална патарина.

Плаќањето патарина преку вињета, многумина возачки и возачи во Македонија го гледаат како вистинско решение и замена за прескапата патарина и за малтретирањето да мора да се запира на секои 15 минути и да се влегува во опасен натпревар по рампата на којашто е најкус редот.

За да се помине Е75 во двете насоки, трошокот за патарина изнесува околу 1.500 денари, што е близу 25 евра. Доколку десетпати во годината се мине таа релација, тоа се 250 евра. Застрашувачки бројки. Словенија беше многу помудра, кога уште пред долги години избра да воведе патарина за да го заштити туризмот во земјата.

За споредба со нашите патарини, тоа се се цените на вињетата во Австрија:

Вињета за една година за патнички автомобил – 96,40 евра
Вињета за 2 месеци за патнички автомобил – 29,00 евра
Вињета за 10 денови за патнички автомобил – 9,90 евра

Вињета за една година за мотоцикл – 38,20 евра
Вињета за 2 месеци за мотоцикл – 14,50 евра
Вињета за 10 денови за мотоцикл – 5,80 евра

Австрија не сака да гради нови автопати

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Илон Маск и експерти бараат да подзабави развојот на вештачката интелигенција

Читателите на „Motor Klassik“ ја избраа Alfa Romeo GTV6 за „италијански класик“