за

Читателите на „Motor Klassik“ ја избраа Alfa Romeo GTV6 за „италијански класик“

Читателите на најголемиот магазин за олд- и јангтајмери дадоа најмногу гласови, за Alfa Romeo GTV6 да биде прогласена за победничка во категоријата на „италијански класици“.

Претставена во 1980 година, Alfa Romeo GTV6 беше најспортската купе-моделска изведба во семејството на Alfetta. Меѓу најголемите успеси ѝ се вбројуваат четирите шампионски титули во конкуренција на производители во европското првенство со туристички возила.

Шестцилиндарецот на Alfa Romeo GTV6 се цени како еден од најдобрите мотори на 20-от век. Со моќност од 158 КС, купето со овој мотор беше најбрз спортски автомобил од големосериско производство. Дизајнот на каросеријата е дело на Џорџето Џуџаро. Аеродинамичната каросерија во форма на клин беше тогашен тренд, којшто од концептните автомобили за прикажување на големите салони на автомобили се пренесe во сериските модели.

Уште два класични модели на Alfa Romeo уживаат големи симпатии кај читателите на магазинот. Alfa Romeo Giulia TZ (1962) се најде на второто место во категоријата на „класични спортски автомобили, додека Alfa Romeo 1900C Super Sprint (1953) исто така обезбеди сребрена медала кај „класичните купеа“.

Магазинот Motor Klassik се печати уште од 1984 година. Повеќе од 18.000 читатели учествуваа во изборот. Најсреќниот читател што учествуваше во гласањето освои како награда токму Alfa Romeo. Станува збор за Alfa Romeo Spider од генерацијата 916, произведувана меѓу 1994 и 2004 година.

Alfa Romeo GTV6 – клинот од Арезе

Alfa Romeo уште во 1950-те години почна да применува постапка за да ги смали трошоците за развој и производство. Тоа денес е основа врз којашто се потпира платформската стратегија, користена во сите автомобилски концерни. Италијанската марка и од својата Alfetta понуди повеќе каросериски форми: Лимузина (од 1972) и купе (од 1975), со истата техника.

Alfetta го носи името по тркачкиот автомобил, со којшто Alfa Romeo го освои првенството во формула 1 во 1950 и 1951 година. Главната одлика и на двете возила е трансаксијалната конфигурација. Тоа значи, мотор напред, менувач и спојка на задната оска, на погонската оска. На тој начин се постигна одлична распределба на тежината. Alfetta Coupé се произведуваше во тогашната матична фабрика на Alfa Romeo во миланското предградие Арезе.

Клинестата форма на GTV првпат беше применета во сериски автомобил. Таа дотогаш беше одлика само на концептните автомобили. Фановите беа одушевени од моделот. Уште од почетокот се бараше модел со уште посилен мотор од стандардниот со 131 КС во GTV.

Таа желба им беше услишaна на фановите во 1980 година. Alfetta Coupé го доби моторот V6 што дотогаш се вградуваше исклучиво во лимузината од виша класа Alfa Romeo 6. Од работна зафатнина од 2,5 литри, моторот извлекуваше 158 КС. Крајната брзина на „клинот од Арезе“ изнесуваше 205 km/h.

Конструктор на моторот со агол од 60 степени меѓу двата реда цилиндри е Џузепе Бусо, легендарен инженер чијшто мотори се вградуваа во Alfa Romeo и Ferrari. Сцената го познава овој речиси целосно алуминиумски мотор како „Busso-V6“.

Производството на Alfa Romeo GTV6 заврши во 1986 година, по моделското освежување на гамата. Произведени се 21.000 примероци. Моторот продолжи да се усовршува и достигна зафатнина од 3,2 литри. Последниот автомобил со овој мотор е произведен во 2005 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фатени без вињета во Австрија: Најчестите изговори на возачите

Mercedes најавува премиера на првиот електричен Maybach