за

Mercedes најавува премиера на првиот електричен Maybach

Mercedes-Maybach EQS SUV е прв модел на најпретставителната германска марка што вози на струја. Не е помалку важно тоа што дизајнот е дело на Славче Таневски.

Најголемата гордост на германската автомобилска индустрија, марката Maybach, на 17-ти април ќе одржи премиера на својот прв целосно електричен модел, базиран врз EQS SUV.

Уште една голема премиера за Mercedes-Benz Cars, за марката Maybach, за електричните автомобили од Штутгарт, и за Славче Таневски, македонски дизајнер што подолго од десет години работи во дизајнерскиот тим во Штутгарт. Првиот електричен Mercedes-Maybach ќе ја доживее својата премиера на салонот во Шангај.

Еден ден пред отворањето на Ауто Шангај 2023, на салонот на автомобили во Кина што се одржува од 18-ти до 27-ми април, претстои премиерно претставување на Mercedes-Maybach EQS SUV.

Станува збор за Maybach-изведба од луксузниот Mercedes-Benz EQS SUV што е присутен на пазарот од декември лани. Техничката платформа е иста со лимузината EQS и со двојката EQE/EQE SUV. Сцената всушност ја виде прво Maybach-изведбата, којашто во форма на Concept Maybach EQS SUV имаше премиера на првиот салон на мобилност во Минхен, пред две години.

MERCEDES EQS

Секако дека македонската сцена, но и пошироката сцена на автомобилскиот дизајн, во Concept Maybach EQS SUV и во серискиот Maybach EQS SUV, ја препознава работата на македонскиот дизајнер во Штутгарт, Славче Таневски. Тоа е дел од низата модели од највисоката понуда на марката, по AMG SL, по ЕQS SUV и неговата концептна изведба, по престојниот Maуbach EQS SUV и идниот Maybach SL, на коишто работеше маестро Таневски.

Германците ја откриваат само „бројката“ што ќе ја носи моделот со премиера во Шангај. Тоа ќе биде EQS 680 SUV. Електричните модели на Mercedes-Benz Cars досега ја немаат достигнато таа бројчена ознака. Максумимот е 761 КС во лимузината Mercedes-Benz EQS 53 AMG 4Matic+. Кај СУВ-изведбата, највисокиот степен на моќност го претставува EQS SUV 580 AMG 4Matic, со 544 КС.

Неизвесно е до кој степен ќе оди Maybach EQS 680 SUV, но нема да биде изненадување ако моќноста се движи околу 900 КС

Тоа што е поважно и што е темел на Maybach, секако дека е изработката, којашто го претставува врвот на тоа што може да го постигне Штутгарт. Двобојна каросерија со ексклузивни зафати во деталите е стандард, исто како и хромирана лајсна по должината на хаубата. Во внатрешноста ќе биде надградено сeто тоа што веќе е врвен луксуз во „стандардниот“ EQS SUV.

За ориентација околу спектаклот што ќе го приреди првиот електричен Maybach, во продолжение основните техички податоци за најсилниот EQ-модел што во моментов е во понуда во Mercedes-Benz.

Mercedes-Benz EQS 53 AMG DYNAMIC PLUS Paket 4MATIC+

 

Вкупна моќност 560 kW (761 КС)
Вкупен вртежен момент 1020 Nm
Електричен погон – по еден електромотор на секоја оска
Димензии 5223 х 1926 х 1518 mm
Меѓуоскино растојание 3210 mm
Празно возило 2655 kg
Носивост 570 kg
Димензија на гуми 275/40R21
0-100 km/h : 3,4 s
250 km/h
Потрошувачка, просек 21,8 kWh/100 km
Досег 570 km (624 km во град)
Големина на батерија 108,8 kWh
Тежина на батерија 692 kg
Времетраење на полнење 10-80% на брз полнач 200 kW : 31 min
Цена во Германија 159.769 евра

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Читателите на „Motor Klassik“ ја избраа Alfa Romeo GTV6 за „италијански класик“

Opel разви електрична Corsa Moon II наменета за вселенски туризам