Во споредбениот тест на германскиот магазин, 208 GTI вози против Opel Corsa OPC, Ford Fiesta ST, VW Polo GTI и Renault Clio RS. Како и обично, за победникот не решава бројот на коњски сили.
Auto Bild го пушти новиот Peugeot 208 GTI против четирите конкуренти од Германија и Франција. Познавачите на историјата на марката со лавот очекуваат многу од спортската изведба на 208, односно во него го гледаат наследникот на 205 GTI, кој беше еден од првите спортски модели во класата.
На последното место на споредбениот тест се најде Corsa. Магазинот му одзема бодови на малиот Opel поради тврдото подвозје, некомфорните седишта и високата цена. Иако возилото има изразена спортска ориентација, на тркачка патека го извозува второто најлошо време. На крај, Opel има и највисока потрошувачка меѓу тестираните возила. Пофалба заслужуваат единствено седиштата со одлично странично држење. Експертите на магазинот не се одушевени ниту од ракувањето со менувачот.
За малечкиот тркач на Renault, Германците жалат што во оваа генерација го напушта дивиот карактер на претходникот. Clio има највисока потрошувачка, а високата цена се компензира со тоа што каросеријата секогаш е во изведба со пет врати и што менувачот со двојна спојка е во серија. Амортизацијата е комфорна и покрај спортското подвозје и бандажите од 18 инчи, а сопирачките се најефикасни на тестот. Тоа што не одушевува е слабата управливост и наведнувањето на каросеријата, исто како и логиката на менувачот, која во одредени услови не го погодува вистинскиот степен или предолго останува во актуелниот степен. Претпоследното место му прупаѓа на Clio.
За една позиција е подобра Fiesta ST. Спортскиот модел на Ford им причинува задоволство на уредниците на магазинот, иако подвозјето работи за нијанса прегрубо и седиштата се скроени само за вито тело. Просторната понуда во кабината е ограничена, особено назад, исто како и носивоста од 387 килограми. Управливоста на Fiesta е врвна, управувањето е директно, менувачот е прецизен, се е како што треба. Дури и цената на возилото е меѓу најниските на тестот. Маните на малиот Ford се непрегледното ракување, малиот дисплеј, ниските команди за климата.
Местото на вицешампион му припаѓа на новиот Peugeot 208 GTI. Додека неговиот далечен предок 205 GTI беше див и непресметлив, овој повеќе е динамичен и шармантен. Подвозјето е комфорно, моторот е силен, кокпитот е прегледен. Французинот е најбрз и спринтува најдобро, но тркањето не е негов домен. Поради комфорната ориентација на подвозјето, во свијоци потонува носот и се крева задното тркало. Покрај тоа, управувањето не посредува доволно повратни информации и меките седишта не нудат доволна поддршка.
Останува единствено Volkswagen Polo GTI. Единствен на тестот Polo троши помалку од осум литри, подвозјето не е премногу стегнато, менувачот со двојна спојка е брз и интелигентен, квалитетот и ракувањето се врвни. На тркачка патека не се покажува во најдобро светло, меѓу другото и поради тоа што контролата на стабилноста не се исклучува целосно.