Audi сервира 400 КС во најекстремната изведба на TT

Веднаш по премиерата на новиот A5 Sportback, Audi веќе го најавува следниот новитет во салоните. Со нов петцилиндарец со 400 КС и 3,7 секунди за спринт до сто, Audi стартува со продажба на новата генерација на TT RS Coupé и TT RS Roadster, како најбрзи изведби во историјата на оваа моделска серија. За првпат во сериски модел на Audi се вградуваат и задни светла со матрични OLED-светла.

Преден спојлер речиси залепен за асфалтот, голем фиксен спојлер назад, лут израз на лицето и големи отвори за воздух – не е потребна умешност да се погоди дека тука станува збор за моќна машина. Audi го претставува новиот TT RS, вообичаено во купе и родстер изведба, со нов петцилиндарец со 400 КС, што е за 60 КС повеќе од претходникот. До предните и задните тркала стратешки се распределуваат 480 њутнметри, за максимално забрзување при минимално пролизгување.

Прв сериски модел на Audi со матрични OLED светла со тридимензионален ефект

Купето спринтува за 3,7 секунди до сто, додека на родстерот му се потребни две десетинки повеќе. Ова се најбрзите моделски изведби во историјата на ТТ. Заедно со овие перформанси следува и препознатливиот звук на петцилиндарските мотори, што Audi го нагласува уште толку, со спорсткиот издувен систем со две издувни цевки. Тоа што го привлекува вниманието во опашот сепак се новите матрични OLED-светла со тридимензионален ефект, за првпат во сериски модел на Audi.

Audi TT RS Coupé

Во кокпитот владее вообичаената спортска атмосфера на Audi RS, со алуминиумски и карбонски елементи и натписи со името на моделот. Исто како кај R8, моторот стартува преку копче на воланот, како инспирација од мотоспортот. Преку дополнителни сателити се избира еден од четирите модуси за динамиката на подвозјето и погонската спрега, во дијапазон од нагласено спортски до комфорен модус.

Апликација за мобилен којашто ги следи телеметриските податоци на RS

Комлетно дигиталната табла со инструменти ги прикажува сите информации за возачот на дисплеј со дијаметар од 12,3 инчи, а посебно за RS се вградува дополнителен дисплеј, со информации за притисокот во гумите, вртежниот момент и страничното забрзување. Кога ќе се достигне одреден број на вртежи, посебната скала ја менува бојата, за возачот да го промени степенот на пренос преку рачките на воланот или преку самата рачка на менувачот.

Audi TT RS Coupé

Со пристап на интернет преку Audi connect се добиваат информации за паркиралиштата, за патните услови и сообраќајот, цени на горива, временска прогноза или вести. Патниците може да користат и твитер, преку поврзување на мрежата во возилото, додека возачот може да ги добива информациите од својот паметен телефон директно во виртуелниот кокпит. Друга апликација е Audi Sport Performance App, преку која што може да се споредуваат времињата на круг, брзината или страничното забрзување. Полнењето на телефонот се врши индуктивно, а практично е и тоа што микрофоните на системот за слободно зборување кај родстерот се интегрирани во самите безбедносни ремени.

Цената за RS TT Coupe во Германија изнесува 66.400 евра, родстерот чини 69.200 евра.

[FAG id=25466]

Претходна објаваHonda Civic подготвена за премиера кон крајот на септември
Следна објаваНовиот Volkswagen Crafter претставен во Офенбах

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here