Наспроти претходникот којшто беше само модифицирана изведба на Mercedes Sprinter, Volkswagen самостојно го развиваше новиот Crafter. Големиот транспортер се нуди во четири основни изведби и во вкупно 69 варијанти, дволитарскиот BiTurbo-TDI е врвот во понудата на мотори.
Volkswagen го претстави новиот Crafter, со максимална тежина до 5,5 тони, зафатнина на товарен простор до 18,4 метри кубни и широк избор на погонски единици и моделски изведби. Големиот транспортер на Volkswagen користи комплетно ново подвозје, вклучувајќи и електромеханичко управување за првпат во класата, мотори со намалена потрошувачка коишто се оптимирани и за градско возење и за долги релации, практични детали за олеснување на товарањето и иновативни системи за асистенција.
При развојот на новата генерација на Crafter се користени забелешките и конкретните желби на корисниците, односно како што кажува првиот човек на марката, Др. Екард Шолц, „возилото е развиено од гледиште на клиентите.“
Дизајнот се раководи според стилот на претходно претставената шеста генерација на Transporter, помалиот брат на Crafter. Посебно се истакнува широката понуда од деривати: Во изведбите фургон и ван се достапни должини од 5.986 и 6.836 милиметри, висини од 2.355 и 2.590 милиметри, а посебно за фургонот и должина од 7.391 mm и висина од 2.798 mm. Покрај тоа се нудат и отворените варијанти со единечна или двојна кабина, со и без надградби.
Транспортерите располагаат со истите комфорни функции како автомобилите
Со доплата се достапни три верзии на ергономско пневматско седиште, со можнсот за местење на седиштето во слабинскиот дел и со масажна функција. Новиот Crafter стандардно доаѓа со електрика на прозорците, централна брава со далечинска команда и практични прегради за мобилен, лаптоп, документација и ракавици.
Системите за асистенција не ги заобиколуваат ниту транспортерите: Активно следење лента, помош при паркирање, вклучувајќи и паркирање со приколка, радарски темпомат за автоматско одржување на растојанието од возилата напред, самостојно сопирање при опасност од судир, асистенција при страничен ветар, препознавање замор и автоматско долго светло. Од пасивните системи за безбедност стојат на располагање шест воздушни перници, камера за рикверц и предупредување кога наидува возило при излегување во рикверц, како и сензорски базирана заштита на праговите којашто е развиена посебно за новиот Crafter.
За првпат во класата се нуди и опција за модуларни помошни агрегати: Втор компресор за ладилник, втор акумулатор во четири варијанти, втор клима уред или втор кондензатор, како дополнување на опционалниот систем за греење во место.
Дволитарскиот BiTurbo-TDI испорачува 177 КС во Crafter
Сите мотори ја исполнуваат нормата EU6 и посебно се оптимирани за условите на експлоатација на Crafter, поаѓајќи од модуларниот систем на дизел мотори MDB. Соодветно на тоа, дволитарскиот дизел за Crafter ја носи ознаката „EA288 Nutz“ и достапен е во комбинација со преден погон, во три степени на моќност: 102 КС, 140 КС и BiTurbo-TDI со 177 КС. Моторот е вграден попречно и наведнат е за осум степени нанапред, со што останува повеќе простор за возачот и за товарот. Системот старт-стоп следува како стандард, потрошувачката на гориво на ниво на цела гама е намалена за 15 проценти.
Volkswagen започнува со нарачки во ноември, а веќе кон средината на следната година ќе се понуди и варијанта со погон на сите тркала 4Motion, како и варијанта со заден погон и надолжно вграден мотор.
[FAG id=25474]


















