за

Audi SQ7 TDI со титула на најсилен дизелски теренец

Со 435 КС и 900 њутнметри, новиот Audi SQ7 TDI е најсилен теренец со дизелски мотор во сериско производство. За тоа му послужи една техника на којашто ѝ претстои голема иднина во браншата.

По одличната прифатеност на SQ5, Audi за првпат го применува овој спортски концепт и во најголемиот модел во серијата Q. Осумцилиндарскиот дизел ослободува 435 КС и 900 њутнметри, со што на во SQ7 TDI му ја обезбеди титулата на најсилен модел со дизелски мотор во сегментот на спортските теренци. За тоа е заслужна една технологија што Audi ја најавуваше повеќепати во своите концептни возила и сега доживува сериска премиера токму во најсилниот „Q“. Станува збор за турбокомпресор со електричен погон, како дополнување на двата стандардни компресори.

Audi SQ7 TDIКомплетно новиот V8 го следи вообичаениот концепт на регистерско натполнење, што значи дека при ниски и средни вртежи се задвижува само еден турбокомпресор, обично со помали димензии, заради помала инерција и полесно задвижување, а вториот се вклучува само при повисоко оптоварување. Четирилитарскиот дизел на овој концепт додава трет турбокомпресор, но задвижуван од електромотор, место од издувните гасови. Негова задача е првенствено да ја пополни „турбо дупката“, односно да реагира во најниското подрачје на вртежи, кога класичните турбокомпресори уште не се во состојба да произведат доволно притисок. Времето потребно за вклучување изнесува само 250 милисекунди.

Бројките го потврдуваат тоа. Новиот 4.0 TDI ослободува 900 њутнметри уште при 1.000 вртежи и ја задржува вредноста до 3.250 вртежи. Спринтот до сто трае 4,8 секунди, крајната брзина е ограничена на 250 кm/h, потрошувачката според фабрика изнесува 7,4 литри. Со тоа, Audi успеа да постигне дополнителна моќност, но воедно и примерна економичност.

Audi SQ7 TDIИнженерите на марката за првпат применија и брегасти вратила со по два профила на брег во дизел мотор. Едниот профил во брегастите вратила за вшмукувачките вентили се грижи за посуверено поаѓање, во комбинација со електричниот турбокомпресор, додека задача на другиот профил е да обезбеди оптимално полнење на цилиндрите, односно да испорача дополнителна моќност при високи вртежи. Кај вратилата за издувните вентили, вториот профил е оптимиран за моментот кога се вклучува вториот турбокомпресор, односно при повисоки вртежи. На тојо начин се постигнува рамномерно ослободување на вртежниот момент и динамика во целото работно подрачје на моторот.

Издувните гасови од двата издувни вентила се раздвоени херметички и задвижуваат по еден од двата турбокомпресора. При ниски вртежи останува затворен еден вентил, за да се обезбеди посилно струење на гасовите до активниот турбокомпресор, додека вториот вентил се отвора при повисоки вртежи.

Audi SQ7 TDIСтрујата за електричниот турбокомпресор со моќност од 7 киловати пристига од мрежата со напон од 48 волти. Четирипати повисокиот напон од стандардниот се грижи воедно и за активниот систем за спречување на наведнувањето на каросеријата во свијоци или при сопирање и забрзување. Потребната енергија се црпи од посебна батерија во багажникот, со литиум-јонска технологија, напон од 48 волти, капацитет од 0,47 kWh и моќност до 13 киловати. Трансформатор DC/DC ги спојува двете мрежи со различен напон. Во системот се придружува и генератор со технологија MOSFET, којашто се одликува со ефикасност од над 80 проценти и претставува значаен напредок во споредба со вообичаените диоди. Акумулаторот од 48 волти по потреба ја снабдува со струја и мрежата со стандардни 12 волти, растоварувајќи го нејзиниот акумулатор.

Пневматската амортизација со спортско дотерување и системот за контрола на подвозјето Audi drive select се стандард кај SQ7. Како опција се нудат сопирачки дискови од карбон-керамика и специјален спортски пакет, којшто се состои од спортски диференцијал, електромеханички систем за стабилизирање на каросеријата и управување на сите тркала. Работата на сите овие системи се надгледува преку централен контролен уред, со што се постигнува уште подобра хармонија меѓу приспособливите амортизери, пневматиката, диференцијалот и контролата на стабилноста на каросеријата.

Audi SQ7 TDIAudi е особено горд и на последниов систем, кој се грижи каросеријата да остане „мирна“ во сите услови. Новитет е компактниот електромотор кој преку тристепен планетарен преносник ги раздвојува двете половини од стабилизаторот. На нерамен терен, половините се раздвоени и се постигнува повисок комфор, додека при спорско возење, тие се споени и со тоа значително се намалува страничното наведнување на каросеријата. Притоа, предниот и задниот стабилизатор се регулираат независно еден од друг, што ги подобрува прецизноста во управувањето и возните својства. Секако дека и тука се користат предностите од дополнителната 48-волтна мрежа, која што овозможува повисока моќност, побрза работа и активност и при пониски брзини. Во отсуството на хидраулика нема потреба за одржување на системот.

Основната цена на Audi SQ7 TDI во германскиот ценовник изнесува 89.900 евра, нарачките стартуваат напролет.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Aston Martin DB11: Новото службено возило на Џејмс Бонд

Lotus не стои во место: Сега е редот за Evora Sport 410