По неколку години мирување, Aston Martin најавува моделска офанзива и враќање во врвната лига на луксузните марки. Новиот DB11 е само почетокот.
Од британската марка Aston Martin не видовме некои особени новитети во минатите години. Во меѓувреме моделите DB9, Vanquish и Vantage почнаа да ги покажуваат своите години, а ниту Rapide не донесе поголемо освежување. Годинешниот швајцарски салон на автомобили е местото на коешто Aston Martin повторно почнува да покажува знаци на живот. Со новиот DB11, според марката почнува „планот за второто столетие“ на производителот на автомобили со долга традиција. За шефот Енди Палмер, ова е најважниот автомобил што Aston Martin го има развиено во 103-годишната историја, кој ќе ја врати марката меѓу лидерските позиции во луксузниот сегмент.
Новиот DB11 не воведува некаква голема револуција во техниката или во иднината, туку само продолжува да го развива тоа што фановите на марката го очекуваат уште откако DB9 беше претставен пред речиси една и пол деценија. Дизајнот е елегантен, спортски, заводлив и моќен, токму како што треба да изгледа модел на Aston Martin. Како DB11 успева да се задржи на земја во отсуство на големи и нагрдувачки спојлери? Тајната е под алуминиумската каросерија. Тука се изведени канали што го спроведуваат воздухот и на тој начин го обезбедуваат потребниот потисок. Сé во служба на стилот на тајниот агент.
Голем напредок бележи и ентериерот, кадешто доминира дигитален кокпит со пречник од 12 инчи, голем средишен дисплеј со пристап до сите функции на возилото и модерен централен контролер кој се ракува со притискање и ротирање. Има и неколку системи за асистенција што се добредојдени за секојдневието, како самостојно паркирање или приказ на возилото од птичја перспектива при паркирање. Целата оваа „интелигенција“, вклучувајќи ги и инструментите и неколку прекинувачи, како и софтверот за поврзување со преносни уреди, потекнува од новиот партнер Daimler.
Но, Aston Martin нема да биде тоа што е без поддршка под хаубата. Тука работи V12 со двојно турбонатполнење, кој од работната зафатнина од 5,2 литри извлекува 608 КС и ослободува 700 њутнметри веќе при 1.500 вртежи. Во парадните дисциплини, DB11 исто така се држи суверено со 3,9 секунди за спринт до 100 km/h и со крајна брзина од 320 km/h.
Во чекор со времето, на возачот му стојат на располагање неколку програми за возење, со коишто соодветно се модулира работата на контролната електроника на моторот, на амортизацијата, на управувањето и на чувствителноста на автоматскиот менувач со осум степени. За задоволството треба да се плати над 200.000 евра, испораката стартува во последниот квартал од годинава.
















