Audi RS Q3 со ново експлозивно полнење: 367 КС и 4,4 секунди до сто

Ознаката RS повеќе не е доволна за означување на најсилните модели од Audi. Во Женева пристига Audi RS Q3 со додавката „performance“. И со уште неколку додатоци.

На салонот во Женева во почетокот на март ќе доживее премиера следниот еволутивен степен во сегментот на компактните теренци со набиена моќ. Audi RS Q3 performance вози со 367 КС, забрзува до 100 за 4,4 секунди и со џентлменски манир не си дозволува повеќе од 270 km/h.

Под хаубата работи петцилиндарскиот мотор 2.5 TFSI од „стандардниот“ RS Q3, со плус од 27 КС и максимален вртежен момент од 465 њутнметри послужени при 1.625 вртежи. Оваа сила се испраќа до четирите тркала преку седумстепен менувач со двојна спојка S tronic, со можност за мануелна контрола на промената на степените. За посебно доживување се грижи програмата „dynamic“, кога електрониката додава меѓугас при секоја промена на степен. Погонот quattro ја регулира распределбата на вртежниот момент меѓу оските преку електронски контролирана ламеласта стојка со хидраулична активација, со тоа што контролата на стабилноста помага силата да се пренесува различно и меѓу две тркала на иста оска.

Новата аскари сина боја со металик финиш е резервирана за моделите Performance
Новата аскари сина боја со металик финиш е резервирана за моделите Performance

Во споредба со Audi Q3, каросеријата е спуштена за 20 милиметри. Audi нуди како опција и специјално дотерано спортско подвозје RS со приспособлива амортизација. Возачот во тој случај може да избира дали подвозјето ќе реагира комфорно, динамично или автоматски.

Изгледот е дотеран со препознатливите детали на RS, со браник со големи отвори за воздух, црна решетка во маската и доминантен дифузор назад. Посебни за „performance“ се каросериските додатоци во матирана боја на титаниум. Секако дека завршниот збор го имаат специфичните бандажи за RS, со пречник од 20 инчи и дизајн со пет двојни краци.

Тука се е подготвено за брз старт: Кокпитот на Audi RS Q3 performance
Тука се е подготвено за брз старт: Кокпитот на Audi RS Q3 performance

Во внатрешноста продолжува стилот од каросерискиот настап. Инструментите имаат сив испис, бела подлога и црвени стрелки. На желба на купувачот, но овојпат без доплата, Audi ќе ги вгради спортските седишта со црно-сина боја, во чест на каросериската боја на првиот модел RS. Следен препознатлив детал во внатрешноста се белите штепови на воланот, на рачката на менувачот, на потпирачот за рака и на патосниците, како и сината линија што се провлекува во украсните панели од карбон.

Цената за Audi RS Q3 performance изнесува 61.000 евра, испораката стартува во вториот квартал.

Претходна објаваВетеранот на Volvo не се предава: XC60 е најпродаван модел во сегментот
Следна објаваФранција ќе покрие 1.000 километри пат со соларни панели

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here