за

Audi A7 ќе вози 900 километри без возач

Стартуваше новиот предизвик за Audi. Специјално подготвен A7 Sportback ќе ја извози сам рутата од Силиконската Долина до саемот CES во Лас Вегас. Новинарите зад воланот ќе бидат само сведоци.

Деветстотини километри со автопилот на автопат. Тоа е следниот предизвик што си го постави Audi во развојот на идната технологија на автономно возење – или појасно, Audi A7 Sportback ќе биде управуван од вештачка интелигенција по автопатиштата од Силиконската Долина во Калифорнија, до Лас Вегас, кадешто се одржува познатиот саем за потрошувачка електроника CES. Како сведоци на функционирањето на техниката на пилотирано возење, Audi дозволи зад воланот за прв пат да седнат новинари.

Со овој проект, Audi сака да ја демонстрира својата водечка улога во технологијата на автономно возење. Специјално подготвениот A7 Sportback ќе вози самостојно по автопатиштата со брзини до 70 милји на час (преку 110 km/h). Автомобилот со интерен прекар Џек може самостојно да ги менува лентите и да престигнува, да забрзува и да сопира, раководејќи се автоматски според брзината на возилата околу него. Кога електрониката ќе пресмета дека има доволно простор и време, Џек се престројува брзо и прецизно.

Во прототипот се вградени најразлични видови на сензори. Радарските сензори за долго подрачје на приспособливиот темпомат (ACC) и на Audi Side Assist (ASA) ги надгледуваат подрачјата пред и зад возилото. Просторот од 360 степени околу возилото дополнително го покриваат по два радарски сензора за средно подрачје напред и назад во возилото, коишто се насочени налево и надесно. Во маската и во задниот браник се наоѓаат ласерски скенери, со задача прецизно да ги распознаваат деталите на подвижните и неподвижните објекти за време на возењето.

Техниката веќе има достигнато сериска зрелост и со овој проект ќе се докаже и економската исплатливост за нејзино вградување во моделите на Audi. Тридимензионална видеокамера со висока резолуција, каква што ќе се вградува во новиот Q7, покрива широк агол нанапред. Четири мали камери напред и назад го надгледуваат непосредното подрачје околу Џек, а за прецизна ориентација се користат податоците од системот за навигација.

Возачот ќе треба да ја преземе контролата единствено при влегување во градско подрачје, откако електрониката ќе почне да го сигнализира „предавањето на воланот“ преку светлечки диоди во ветробранот, преку сигнали во таблата со инструменти и преку звучни сигнали. Доколку возачот ги игнорира овие сигнали, Џек ги вклучува безбедносните трепкачи и полека запира во десната лента, односно во подрачјето кадешто не се загрозува сообраќајот.

Новинарите што го „управуваат“ А7 Sportback беа на повеќенеделен тренинг на тест патеката на Volkswagen во Аризона. На патувањето од Западниот Брег до Лас Вегас, возачите ќе се менуваат на секои 100 милји, а за секој случај, на совозачкото седиште ќе се наоѓа професионален тест возач на Audi.

Audi учествува на саемот CES, којшто се одржува од 6-ти до 9-ти јануари, под мотото „Следното поглавје“. На саемот во Лас Вегас, како една од најважните светски манифестации во подрачјето на електрониката, марката со четири прстени ќе прикаже првенствено проекти за комуникација меѓу возилото и средината. Секако дека една од главните теми ќе биде пилотираното возење, исто како и новите концепти на ракување и прикажување, модерни системи за забава и нови решенија на интернет поврзувањето Audi connect, заедно со светла со светлечки диоди и матрични ласерски светла. На CES ќе дебитира нов концептен автомобил на Audi и ќе биде прикажан ентериерот на новата генерација на Audi Q7.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Јубилејна серија на Shelby 427 Cobra – без мотор под хаубата

Хромбук од Acer со дисплеј од 15 инчи