за

Aston Martin од наследството на Сер Шон Конери се продава за милионска сума

Единствениот Aston Martin DB5 што Сер Шон Конери, најпознатиот таен агент во светот, го поседувал приватно, се очекува на наддавањето во САД да достигне близу два милиони долари.

Некои автомобили со времето добиваат на вредност, не само поради коњските сили, туку и поради личностите што седеле зад воланот. Пример за тоа е овој Aston Martin DB5, единствен примерок од моделот што приватно го поседувал Сер Шон Конери. На наддавањето што на 18-ти август се одржува во Монтереј, САД, се очекува цената на овој по многу нешта единствен ди-би-фајв да достигне вредност меѓу 1,4 и 1,8 милион долари.

Сер Шон Конери во улога на најпознатиот таен агент во светот, Џејмс Бонд 007, Голдфингер, Aston Martin DB5, во годината 1964-та. Многу историски приказни произлегуваат оттука. Шкотскиот актер во почетокот не сакал неговото име да се поврзува толку силно со неговата улога на 007. Со текот на времето, покрај планетарната популарност, тој сепак свикнал да живее во улогата на агентот. Со децении, Сер Шон ја чувал врамена фотографијата на којашто тој во улога на Бонд се потпира на DB5, со Швајцарските Алпи во заднина на кадарот. По долго време, актерот решил да си набави сопствен DB5 од 1964 година, налик на оригиналниот модел, но без посебните уреди од филмскиот автомобил.

Автомобилот на Сер Шон има 5-степен менувач, со преносен однос 3,77:1 на задната оска, гуми Dunlop RS5, радио Motorola со електрично задвижувана антена. Прв сопственик на овој DB5/1681/R, бил извесен Артур Вајт, сопственик на млекара, кој го купил автомобилот од Cyril Williams Motors во Волверхемптон. По регистрирањето на 9-ми јули 1964, дилерот го користел DB5 како демо возило. По една година, Вајт го купил автомобилот, во 1965 година.

По неколку промени на сопственоста, автомобилскиот музеј во Норфолк го купува DB5, за по растурањето на музејот во 1982 година и по уште една промена на сопственоста, возилото да биде откупено од специјалистот RS Williams, којашто е една од најценетите адреси за британската марка.

https://www.broadarrowauctions.com/vehicles/jc22_009/1964-aston-martin-db5

Сер Шон Конери го купува автомобилот од RS Williams во почетокот на 2018 година. Каросеријата веднаш била прелакирана во Snow Shadow Grey, од оригиналната Silver Birch. Причината за тоа е „филмска“. Aston Martin што е користен во Голдфингер е прототип на DB5, а во основата е DB4 Series V со сменети светла. Бојата на тој DB4 е Snow Shadow Grey. Кога стартувало производството на DB5, по снимањето на филмот, фабриката ја понудила новата боја Silver Birch. Честопати се греши дека тоа е вистинската боја на автомобилот на 007, но реално, вистинската боја од филмот е Snow Shadow Grey. Затоа и Сер Шон Конери побарал неговиот DB5 да биде лакиран соодветно.

Малкумина знаеле дека Сер Шон набавил DB5, главно најблиските пријатели. На својот син Џејсон, славниот актер му кажувал дека возењето на филмскиот DB5 било тешка задача, поради тешките додатоци на Кју. За разлика од тој автомобил, „новиот“ му причинувал вистинско уживање во возењето на славниот филмски агент.

Сер Шон Конери почина во 2020 година. DB5 потоа бил предаден во RS Williams за да се подготви за продажба. Со возилото следи целосна документација, вклучувајќи и швајцарска сообраќајна дозвола со името на Сер Шон Конери. Најголемиот дел од средствата од продажбата ќе бидат насочени во Фондот за филантропија на Шон Конери. Овој фонд е стартуван уште во 1971 година, кога актерот го донирал целиот хонорар во висина од $1,000,000 во Дијамантите се вечни. Дел од активноста на Фондот е поврзана со Сер Џеки Стјуарт, долгогодишен пријател на Конери, чијшто Фонд издвојува средства за борба против деменцијата. Во знак на тоа пријателство, Сер Џеки ќе го вози идниот сопственик или можеби сопственичка, еден круг во DB5.

Џејмс Бонд во романите на Флеминг вози Bentley, не Aston Martin

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen и Mahindra ќе произведуваат електрични автомобили во Индија

Toyota работи на стандард за празни батерии да се заменуваат со полни