за ,

AstaZero: Во овој тест центар созреваат безбедносните системи на Volvo

Швеѓаните го отворија спектакуларниот центар AstaZero за тестирање на новите безбедносни системи. Центарот поседува 6 km автопат, мини гратче, па дури и макети на диви животни.

AstaZero е првиот тест центар во светот што е изграден специјално за идните генерации на безбедносни системи во автомобилите на Volvo. Центарот официјално стартуваше со работа денес во близина на Гетеборг и ќе му овозможи на Volvo да ја реализира амбициозната цел, сообраќајните незгоди да се сведат на нула во блиска иднина. Во AstaZero се тестираат првенствено активните безбедносни системи што ги спречуваат незгодите, или барем ги сведуваат последиците од нив на минимум. На тој начин Volvo доаѓа чекор поблиску до целта, најдоцна до 2020 година никој да не биде повреден или усмртен во модел на Volvo.

Најголемата предност на тест центарот што се наоѓа во близина на централата на Volvo во Гетеборг е неговата флексибилност. Со вкупна површина од 250.000 метри квадратни, центарот овозможува изведување на секакво сценарио. „Може да се изведат сите типични, секојдневни ситуации во сообраќајот. Другите тест центри имаат ограничени можности“, објаснува Петер Валин, шеф на AstaZero.

Без разлика дали се работи за автопат со повеќе ленти, спореден пат, крстосница или градски метеж, во AstaZero може да се изведат различни ситуации. Разновидноста е особено важна, за безбедносните системи во возилата да може да се тестираат во најразлични услови. Се проверува како системите за асистенција реагираат на другите автомобили, на пешаци, на мотоциклисти и велосипедисти, на камиони и автобуси, па дури и животни на патот. Заради избегнување на непотребни ризици, во посложените сообраќајни ситуации и при високи брзини, работата зад воланот на тест возилата ја преземаат роботи.

Во истиот центар се усовршува и автономното возење, при што Volvo соработува со универзитетите и со другите научни институции во земјата. Автомобилите што управуваат самостојно ги избегнуваат незгодите и ги подобруваат комфорот и пријатното чувство во возењето. Покрај тоа, интелигентните системи за асистенција препознаваат кога возачот е заморен или кога не внимавана патот, и ја преземаат контролата во тој случај.

Од 2020 година не смее да се случи во нов модел на Volvo да биде сериозно повреден или усмртен ниту еден возач или патник во возилото – тоа е амбициозна цел, но Volvo во минатото има повеќе пати докажано дека секогаш има простор за напредок во безбедноста на возилата.

„Шведската автомобилска индустрија ја презема предводничката улога во активната безбедност. Со помош на AstaZero ќе ја одбраниме оваа позиција и во иднина“, убеден е Андерс Акселсон, главен инженер за безбедност во Volvo. „Ние сме единствен производител на автомобили во светот што има наведено конкретна година за нашата цел за сообраќај без жртви, а Шведска е единствената земја во светот чијашто влада ја подржува оваа визија.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Škoda стартуваше со производство на Octavia Scout

Saab се наелектризира од лошите гласини