Arash AF10 Hybrid има 2.100 КС, но му недостига уште малку

Arash AF10 Hybrid

Суперспортскиот автомобил на малку познатата британска марка располага со хибриден систем со 2.100 КС и со тоа е двапати посилен од докажаните моќници како Porsche 918 или McParen P1. Но, не е сé како што изгледа.

Британската марка што порано ја познававме (не толку многу) под името Farboud го разви новиот хиперспортски болид AF10 Hybrid, чијшто 6,2-литарски V8 со механички компресор ослободува 912 КС. Тоа е сосема доволно за Arash без проблем да се носи со пулените Porsche 918, McLaren P1 или Ferrari LaFerrari. Но, бидејќи станува збор за хибриден погон, во работата на бензинецот се придружуваат уште четири електромотори, по еден за секое тркало и секој со по 299 КС. На крајот, тоа дава 2.108 КС. Енергијата за електромоторите пристига од литиум-јонски батерии со капацитет од 32 киловатчасови и излезна моќност од 880 киловати, односно точно колку што е потребно да се напојат електромоторите.

arash af10 hybridБројките за вртежниот момент исто така се убедливи. Осумцилиндарецот испорачува 1.200 њутнметри, а од секој електромотор пристигаат по уште 270 њутнметри. Вкупно 2.280 њутнметри. Каков ли менувач поседува AF10 што ќе може да го издржи тоа? Решението е во тоа што болидов нема само еден менувач, туку вкупно пет. Еден за бензинскиот V8 и за секој електромотор по еден двостепен менувач.

Секако дека сега со возбуда се очекуваат и перформансите. Спринтот до сто километри на час трае … 2,9 секунди!? За хиперавтомобил што располага со 2.100 КС, тоа е мошне разочарувачки, особено ако се земе во предвид дека еден Porsche 918, со половината од таа моќ, забрзува за 2,6 секунди до сто. Причината за ова „доцнење“ би можела да се бара во тежината. Но, Arash наведува дека шасијата изработена од карбон и арамид тежи колку 658 парчиња iPhone 6, додека целиот погон тежи 280 килограми. Отсуствува единствено податокот колку е тежината на целиот автомобил и тука останува простор за сомнеж. Одговорот би можел да се најде во батериите, кои веројатно потекнуваат од претходните генерации и тежат „цел тон“.

За сета оваа услуга, Arash бара 1,1 милион фунти, односно 1,4 милион евра. Сепак е подобро човек да се реши за „поевтината“ нехибридна изведба со 558 КС и со цена од околу 450.000 евра. Тука се осознава целиот план на британската работилница. Хибридната верзија е само маркетиншка маска, којашто треба да го привлече, односно да го пренасочи вниманието кон стандардниот модел.

На крај, сепак е подобро работата со суперспортските автомобили да им се препушти на марките што имаат малку поголемо име во оваа работа.

Претходна објаваСекој петти директор ги добива најдобрите идеи во возење
Следна објаваСпортски теренци и кросовери го запоседнаа салонот во Женева

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here