BMW и Apple подолго време водат преговори за соработка. Калифорнискиот технолошки гигант пројавува интерес за каросеријата на електричниот BMW i3. Можно е таа да се користи за идниот „iCar“.
Шефот на производителот на iPhone, Тим Кук, ја разгледува можноста платформата на електричниот автомобил BMW i3 да се користи за сопствениот автомобил на Apple. Преговорите започнаа уште кон крајот на есента во 2014 година, но завршија безуспешно. Потенцијалните партнери тогаш се спогодија да го продолжат контактот и повремено да ги споредуваат своите гледишта.
Американскиот концерн Apple подолго време работи на развој и производство на електричен автомобил iCar. За време на посетата на BMW, шефот Тим Кук, заедно со своите врвни менаџери, посебно внимание посвети на погоните за производство на електричниот автомобил BMW i3 во Лајпцих. Токму овој компактен автомобил со иновативна техника би можел да се користи како платформа за идниот електромобил на Apple.
Со дополнителни моделски изведби ќе се поттикнува продажбата на BMW-i
Продажбата на i3 не се одвива според очекувањата. Новиот шеф Харалд Кригер и покрај тоа планира да ја збогати понудата од модели со погон на струја. За крајот на деценијата се планира модел со значително поголем досег, со дизајн што ќе се раководи според понудата од теренски модели на BMW. Актуелниот i3 минува само 130 километри со едно полнење на батериите.
Баварскиот производител планира наскоро да додаде дополнителни моделски изведби на електричните i3 и i8, вклучувајќи и кабриолет изведба од i8. Конечната одлука за дополнителните модели ќе се донесе до крајот на годинава. Шефот Кригер планира технологијата на BMW-i да се применува во целата гама модели на марката.
















