Британската спортска марка McLaren штотуку ги демантираше гласините околу преземањето од страна на производителот на iPhone, а веќе се појавува следниот можен партнер на Apple. Станува збор за производител на самобалансирачки електични скутери со покрив над седиштето.
Преземањето на McLaren од страна на Apple веројатно нема да се случи откако тоа го демантираше британскиот производител на спортски автомобили. Но, производителот на iPhone сепак има планови да влезе во сегментот на производители на возила, конкретно во старт-ап компанијата Lit Motors.
Повеќе американски медиуми објавуваат дека Apple е во преговори за купување на фирмата од Сан Франциско, којашто изработува самобалансирачки скутери со погон на струја. Ова го поткрепува и фактот што Apple ангажирал неколку експерти од Lit Motors. Првиот електроскутер на компанијата ја носи ознаката C1 и карактеристичен е по комплетната каросерија што го штити возачот од секакви влијанија.
Целиот концепт, вклучувајќи ја и ознаката, потсеќаат на скутерот со покрив BMW C1, кој сепак не располагаше со електричен погон, ниту со техника што самостојно го балансира возилото. Засега отсуствува официјална потврда околу оваа соработка. Редовна практика на Apple е купување малечки фирми, коишто потоа се интегрираат во постоечките деловни подрачја. Истото претходно се случи со iTunes и Siri, коишто беа успешни старт-ап проекти.
Во врска со шпекулациите за преземањето на McLaren, британскиот производител на спортски автомобили синоќа демантираше какви било преговори со Apple. Електронскиот гигант сигурно нема намера да ги произведува суперспортските модели на McLaren, туку многу повеќе интерес гледа во технологијата и експертизата со којашто располага британската куќа и којашто меѓу другото е речиси неразделен дел од формула 1.
Apple веќе подолго време работи на проект за автомобил, но насоката на неговиот развој досега се менуваше повеќепати.
















