Европската Унија и претставници од САД очекуваат дека ќе постигнат договор, со којшто компаниите од ЕУ, вклучувајќи ги производителите на електрични автомобили, ќе добијат исти права какви што американските производители уживаат на пазарот во САД. Европа цени дека т.н. Акт за намалување на инфлацијата на САД е дискриминаторски.
ЕУ посочува дека дозволува владини даночни поволности и субвенции за купување електрични автомобили од САД, како што е случајот со Tesla. Наспроти тоа, САД ги условуваат таквите погодности и бараат автомобилите или вградените делови, да бидат произведени во Соединетите Држави.
„Во минатиот месец, Tesla Model Y беше најпродаван автомобил во Германија,“ изјави на брифингот пред новинарите заменик претседателот на Европската Комисија, Валдис Домбровскис, одговорен за трговијата. „Тоа немаше да биде можно без субвенцијата на ЕУ што е недискриминаторска, додека електричните автомобили од ЕУ не добиваат слична субвенција во САД, што е дискриминација за којашто сакаме да укажеме“, изјави Домбровскис.
Производителите на автомобили од ЕУ, вклучувајќи го концернот Volkswagen, погодени се од законите во САД, со коишто се ограничуваат бројни категории производи. Домбровскис цени дека проблемот погодува и цела низа производи од секторот на „зелената економија“, којшто вклучува и батерии, водород, како и опрема за енергија од обновливи извори.
„Постои подготвеност од страна на САД да се ангажира околу проблемот“, изјави Домбровскис пред средбата со американската претставничка за трговија Катрин Таи, министерката за трговија Џина Раимондо и министерката за финансии Џенет Јелен.
„Се надеваме дека ќе ги надминеме овие проблеми пред тие да прераснат во спор“, посочи Домбровскис, додавајќи дека преговорите би се воделе околу тоа дали промените во статусот на компаниите од ЕУ може да се направат преку имплементирање на регулативи во американските закони, место целиот Акт за намалување на инфлацијата да се враќа назад во Конгресот, за амандмани.