за

Alfa Romeo ги промени плановите: Италијанците немаат план

Појавувањето на новите модели на Alfa Romeo се одложува, во плановите повеќе не се наведува очекуваната годишна продажба. Работите уште долго време нема да се сменат во италијанската марка.

Мали се изгледите дека големото враќање на италијанската марка ќе се случи до крајот на деценијава. Според првичните планови, целосното обновување на понудата од модели на Alfa Romeo требаше да заврши во 2018 година, но тоа сега се одложува за две години. Концернот Fiat Chrysler конечно увиде дека е премногу амбициозен планот за развој и комерцијализација на осум нови модели во толку тесен временски простор.

Се менуваат и плановите за глобалната продажба. Италијанско-американскиот концерн очекуваше да достигне годишна продажба од 400.000 примероци по комплетирањето на обновата на моделската понуда. Новите планови на Fiat Chrysler повеќе не наведуваат никакви бројки околу очекуваната продажба. Причината за отстапувањето од првичните очекувања може да се бара на кинескиот пазар, каде што во последните години се забележува слабеење на продажбата во сегментот на премиум марките.

Alfa Romeo претходно излезе со план до 2018 година да достигне продажба од по 150.000 примероци на европскиот и американскиот пазар, како и 80.000 примероци на пазарот во Кина, каде што марката уште нема стартувано со продажба. Италијанците го одложија стартот на новата генерација на Giulia поради технички проблеми. Моделот требаше да стартува со продажба кон крајот на минатата година, во врвната изведба Quadrifoglio Verde, а сега се очекува тоа да се случи во средината од годинава. За основните верзии на Giulia кои ќе бидат претставени на салонот во Женева во март уште не се наведува кога ќе бидат достапни во продажба.

Според најавите од концернот, производството на Giulia ќе стартува до крајот на март. Кросоверот врз база на Giulia ќе следи во почетокот на 2017 година, а по него и лимузина од високата класа, уште два кросовера, две спортски верзии и наследник на компактот Giulietta. Концернот очекува сите овие модели да бидат претставени до 2020 година. Во минатата година, вкупната продажба на возила од марката Alfa Romeo достигна околу 60.000 примероци.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот BMW X3 пристига в година, верзијата од M GmbH ќе вози со 500 КС

Новиот Porsche Boxster со турбо и со четири цилиндри