за

Новиот Porsche Boxster со турбо и со четири цилиндри

Porsche се враќа на традицијата и на новиот Boxster му ја додава бројката 718 во чест на легендарниот тркачки модел од пред половина век. Но, една друга бројка нема да им се допадне на традиционалистите на марката.

На дваесетгодишнината од појавувањето на првиот Porsche Boxster, спортската марка ја пушта новата генерација на својот родстер со средишно вграден мотор. Како што беше најавено, новите модели дополнително ќе ја носат бројката 718 во ознаката, односно официјалната ознака гласи 718 Boxster и 718 Boxster S. Познавачите на спортската историја на марката ќе се присетат на тркачкиот Porsche 718, кој во 1950-те и 1960-те години победуваше на патеките, вклучувајќи ги Леман и Тарга Флорио. Со повикувањето на овој легендарен модел, Porsche сака да ги потсмири духовите на традиционалистите: Новиот 718 Boxster вози со четирицилиндарски боксер – исто како и победничкиот Porsche 718 од пред половина век.

718 Boxster S
Впечатливо големите отвори за воздух се надворешен белег за турбо-моторите во новиот 718 Boxster

Како и сите мотори од новите генерации кои мора да ги исполнат строгите норми за издувни гасови, скусениот боксер користи турбонатполнење како компензација за одземената работна зафатнина. Стандардната изведба 718 Boxster вози со дволитарец со 300 КС, додека во верзијата 718 Boxster S работи 2,5-литарски боксер, исто така со четири цилиндри и турбонатполнење, со моќност од 350 КС. Во втората верзија дополнително се користи турбокомпресор со променлива геометрија на лопатките, со што Porsche е единствена марка која ја нуди оваа техника во бензинец од сериско производство, во 911 Turbo и сега во 718 Boxster S. Моќноста е зголемена за 35 КС во споредба со претходниците, додека потрошувачката е намалена до 13 проценти.

Со турбонатполнењето значително се зголемија и вредностите на вртежниот момент: 380 њутнметри кај стандардниот модел (+100 Nm во споредба со претходникот) и 420 Nm во Boxster S (+60 Nm). Од новите мотори профитира и спринтот. Во верзијата со менувач со двојна спојка и пакет Sport Chrono, основниот 718 Boxster забрзува до сто за 4,7 секунди (-0,8 s), додека посилниот Boxster S во истата конфигурација скусува уште половина секунда (-0,6 s). Како крајна брзина, Porsche наведува 275, односно 285 km/h.

718 Boxster S
Додадената лајсна меѓу задните светла и формата на светлата визуелно му даваат поголема ширина на опашот на новиот родстер

Ефектот од целата операција на преоѓање на четири цилиндри сепак се огледува најмногу во потрошувачката, односно таму каде што бара политиката. Со вредност од 6,9 l/100 km, Boxster троши еден литар помалку гориво, а посилната верзија бара 0,4 литри повеќе (-0,9 l). Во обата случаи, вредностите се однесуваат на верзиите со менувач со двојна спојка. Стандардно, „бокстерите“ доаѓаат со шестстепен мануелен менувач. Опционалниот менувач PDK сега располага со „виртуелни“ степени на пренос, кои дополнително помагаат за заштеда на гориво.

Дизајнот го следи порастот во динамиката и во моќноста со поизразен профил на каросеријата, со поширок и поагресивен нос. Зголемените отвори за воздух напред се надворешен белег за турбо-моторите во родстерот. Новиот изглед е заокружен со биксенонски светла и диодна техника за дневните светла. Како опција стојат на располагање и диодни главни светла, заедно со дневно светло „со четири точки“.

Сменетата форма на крилата и на праговите дава препознатливост на страничната силуета. Посебна динамика во изгледот внесуваат зголемените отвори за воздух со две ламели. Рачките на вратите повеќе немаат дополнителна подлога. Boxster S стандардно доаѓа со бандажи од 19 инчи, со доплата се нудат бандажи од 20 инчи. Лајсната со натпис Porsche меѓу задните светла прави опашот да изгледа пошироко, на што се надоврзуваат и новите светла со диодна техника и стоп-светло со четири точки.

Подвозјето е преработено за уште поголема динамика, со директност на електромеханичкото управување зголемена за 10 проценти. Со доплата е достапно приспособливо подвозје, со спуштање на каросеријата за 10 милиметри. Во верзијата Boxster S, подвозјето за првпат е достапно со можност за спуштање на каросеријата за 20 милиметри. Од Porsche ветуваат дека новото активно подвозје уште подобро ги спојува барањата за комфор за долги патувања и цврстина за спортско возење.

Пазарниот старт е закажан за 30-ти април. Цената на 718 Boxster во Германија изнесува 53.646 евра, посилниот 718 Boxster S чини 66.141 евро.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo ги промени плановите: Италијанците немаат план

Потрошувачката на гориво расте, производителите наведуваат нереални вредности