Ветувања имаше и досега, но еднаш мора да бидне: Alfa Romeo ќе се врати меѓу спортските марки, достојно. Се враќаат имињата Giulia и Alfetta, но прво следува бесниот 4C.
Место да го брка Mini со малечки автомобили со смешно име и да ги преоблекува моделите на матичниот Fiat, марката од Милано конечно е решена да се врати на својата богата и вредна традиција и да му понуди на светот автомобили што ќе бидат достојни на големото име. За старт, идните модели на Alfa ќе возат со заден погон и во голем дел ќе ја делат техниката со моделите на сестринската марка Maserati. Марката со отровница во логото пофторно ќе биде синоним за големи и моќни лимузини што поставуваат репери со возната динамика.
Со заден погон и алуминиумска платформа од Maserati Ghibli, идната Giulia ќе ја напаѓа серијата 3 на BMW, додека поголемата Alfetta ќе ја има во визир серијата 5. Giulia и Alfetta се легенди од 1960-те и 1970-те години, кои се неразделни од имиџот и традицијата на марката. Новата Alfetta потсеќа и со изгледот на далечната претходничка од 1972 година. Понудата на мотори ќе почнува со дизелски 170 КС и ќе завршува со шестцилиндарски 400 КС.

Решеноста да се вратат во спортските води стана очигледна со моделот 4C. На крајот на септември ќе почне испораката на 400-те примероци од ограничената серија Launch Edition, по цена од 60.000 евра за парче. Кој има трпение, може да почека и да заштеди околу десетина илјади евра.

Бескомпромисното купе 4C, чие што име се повикува на легендарните „Алфи“ од 1930-те години, несомнено ќе предизвика револуција во сегментот во кого посериозно настапуваат единствено Toyota GT86 и Subaru BRZ. Дизајнот се ориентира според Tipo 33 Stradale од 1967 година. Во фабриката на Maserati во Модена ќе се произведува серијата од 3.500 примероци, од која 1.000 ќе бидат наменети за европскиот пазар, а остатокот оди за цел свет, при што најмногу се цели на САД. Италијанците очекуваат дека 4C ќе биде темел за враќање на марката од другата страна на океанот.
Со 895 килограми, купето е полесно од повеќето градски автомобили, а во комбинација со 240-те КС на моторот од 1,8 литар се добива сооднос од 5 килограми по киловат. Моторот е во основа истиот од Giulietta QV, со една квалитетна разлика: За прв пат се користи алуминиумски блок. Дополнителните коњски сили се добиени со модификација на електрониката и на вшмукувачкиот тракт. Перформансите откриваат сериозен спортист: 4,5 секунди до сто и крајна брзина од преку 250 километри на час. Со распределба на тежината 40:60 се очекуваат мајстории во свијоците.

До 2017 година ќе следат шест нови модели. Малечкиот Mito, кој во основата е Punto, ќе ја напушти понудата на марката, исто како и компактот Giulietta, а ќе се отвори простор за модел со хибриден погон. Планот е до 2016 година продажбата на Alfa Romeo да се зголеми на 300.000 возила. Тоа е три пати повеќе отколку во последната година.