Volkswagen стартува со продажба на освежениот Up, кој доби нов мотор со 90 КС за топ-моделот, повеќе опрема и подобра интеграција со паметен телефон.
Најмалечкиот автомобил на марката од Волфсбург се подосвежи за претстојната моделска година со неколку нови потези во каросерискиот дизајн, со побогата опрема, подобра интеграција со паметен телефон и повеќе можности за сопственикот да остави личен печат на своето возило. Нов е турбо-моторот со 90 КС.
Промените во изгледот се забележуваат во браникот, задниот дифузор, ретровизорите со интегрирани трепкачи, диодните дневни светла и задните светла со истата техника. На трицилиндарецот од еден литар кој досега се нудеше во верзиите со 60 и 75 КС, сега му се придружува нов трицилиндарец со 90 КС, како прв турбомотор во Up. Од летово, гамата се комплетира со електричниот e-up! со 82 КС, како и и со верзија со погон на метан eco-up! со 68 КС.
Новитет е можноста за доплата за интеграција со паметен телефон „maps + more dock”. Купувачите имаат и повеќе избор за индивидуализација, со нови бои за каросеријата, покрив во контрастна боја, впечатливи мустри на дизајнерски фолии, лакирани бандажи, исто како и со неколку дизајнерски изведби за кокпитот и седиштата. За првпат во up! се нуди мултифункциски волан, автоматска клима и камера за рикверц.


















