за

600 коњски сили во Audi TT clubsport turbo concept

Електричното турбо се буди многу порано и овозможува екстремно забрзување. Техниката наскоро пристига во сериските модели

Компресор со погон на струја е новата играчка на инженерите на Audi. Студијата TT clubsport turbo им бега на конкурентите за една и пол должина на старт. Автомобилот доживеа премиера на GTI-собирот во Австрија.

Покрај прикажувањето на актуелните тркачки болиди и последните новитети во моделската понуда R8 и Q7, Audi им подготви посебно изненадување на фановите на собирот во австрискиот Рајфниц, покрај езерото Вертер. Техничката студија TT clubsport turbo за првпат комбинира моќен мотор TFSI со електрично битурбонатполнење. Со оваа комбинација, конкуренцијата отпаѓа буквално уште при стартот.

Во концептниот автомобил работи тјуниран петцилиндарски мотор 2.5 TFSI со 600 КС и вртежен момент од 650 њутнметри. Посебно импресионира податокот дека над 600 њутнметри се „послужуваат“ во широко подрачје од 3.000 до 7.000 вртежи, исто како и податокот за специфичната моќност – 240 КС на еден литар работна зафатнина. Покрај оваа монструозна моќ, инженерите мораа да вградат мануелен менувач со шест степени. Audi моментно не располага со менувач DSG за попречно вградување што е во состојба да издржи толкав вртежен момент.

Петцилиндарскиот TFSI ослободува 240 КС од литар зафатнина. Соодветно на моќта е преработено секое подрачје на TT, вклучувајќи и трага на тркалата проширена за 14 сантиметри

Со користење лесни делови за каросеријата, тежината на clubsport turbo изнесува само 1.396 килограми. Спринтот од место до сто трае 3,6 секунди, крајната брзина изнесува 310 km/h. Предноста од „електрификацијата“ на битурбо натполнењето се огледува најдобро на овој пример: Во првите 2,5 секунди по поаѓањето, TT clubsport turbo изминува 16 метри, односно е шест метри понапред од автомобил со споредлива моќност, без електрично турбо.

Дополнителниот компресор со електричен погон ја „полни“ турбо-дупката

Електричниот погон овозможува компресорот да ги постигне максималните вртежи молскавично брзо и да го зголеми притисокот на натполнење, додека конвенционалниот турбополнач на издувни гасови во истите услови уште нема доволно погонска енергија од издувните гасови и произведува само благо ветре место ураган. Со оваа помош од електриката, обичниот турбополнач може да се димензионира за поголем притисок на натполнење, односно за постигнување уште поголема моќност на моторот.

Дополнителна мрежа со напон од 48 волти

Покрај моќта, фасцинира и препознатливиот звук на петцилиндарскиот мотор. Издувниот систем е оптимиран за минимален противпритисок, а издувната цевка завршува странично како кај тркачките возила, веднаш по тркачкиот придушувачки лонец. За ладењето на 2.5 TFSI исто така се грижи ладилник преземен од мотоспортот. Електричниот компресор го зголемува вртежниот момент во најниското работно подрачје за максимално 130 њутнметри. Притоа се користи доолнителна мрежа со напон од 48 волти, како следна иновативна технологија на Audi, којашто стартува многу наскоро во серија, односно веќе во новата генерација на A4. Во багажникот се наоѓа компактна литиум-јон батерија, којашто се полни при секое сопирање и отпуштање на гасот. Оваа дополнителна енергија се пренесува во 12-волтната мрежа на возилото.

Ламеластата спојка на постојаниот погон на сите тркала е сместена на задната оска, заради подобра распределба на тежината. Концептниот автомобил лежи на бандажи од 20 инчи, со гуми 275/30. Зад бандажите се наѕираат сопирачки дискови од карбон-керамика, коишто се одликуваат со ниска тежина и голема отпорност на абење, со пречник од 370 милиметри на предната оска.

Врвни возни својства произлегуваат и од проширената трага на тркалата, со 1.736 милиметри напред и 1.729 милиметри назад. Соодветно на тоа и каросеријата е проширена за цели 14 сантиметри. Впечатлив детал се отворите во крилата, коишто спроведуваат дополнителен воздух за ладење на сопирачките. Задниот спојлер се дотерува рачно и преземен е од тркачкиот Audi Sport TT Cup, тука проширен за 20 сантиметри. Спојлерот е изработен од карбон, исто како и останатите каросериски додатоци.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW M6 тјуниран од G Power со 1.001 коњска сила

Каков избор на користено возило е Volvo S40